Деми Мур - помеѓу внатрешните демони и надворешната беспрекорност

10 март 2020

Неодамна Гвинет Палтроу организираше забава без шминка, каде повика нејзини пријателки, а меѓу нив е и Деми Мур.

Сите коментираа дека 57-годишната акерка изгледа фантастично и дека одлично се носи со годините.

Иако не се појавува многу често во јавноста, сепак кога и да го прави тоа, го привлекува вниманието поради беспрекорните модни изданија.

Всушност, ако се направи поглед наназад кон нејзиниот стил, може да се рече дека Деми Мур е вистински моден камелеон. Може да биде сексапилна дама, исто толку префинета, но и урбана или спортски стилизирана.

Освен во два наврати за улога кога мораше да ја скрати, заштитниот знак на актерката е долгата негувана коса. Што се однесува до модните комбинации, сме ја виделе речиси во сè - комбинезони, долги фустани, свечени фустани, панталони, здолништа, мини-фустани, одела - и не можеме да најдеме нешто што не ѝ прилега.

Но, зад оваа надворешна беспрекорност, Деми низ годините се борела со многу внатрешни демони, за кои зборува и во своите мемоари „Inside Out“.

Деми Мур е родена како Деми Џин Кајнс на 11. ноември 1962 години во Розвел, Ново Мексико. Расте во проблематично семејство, со кое се селат често. На крајот, остануваа во Јужна Калифорнија. Инаку, нејзиниот биолошки татко, Чарлс Хармон ја напушта нејзината мајка Вирџинија која била во третиот месец на бременоста, поради што Деми ќе го земе презимето на својот очув - Дени Гајнс.

На 15-годишна возраст Деми ќе биде силувана, за што на мајка ѝ ќе ѝ бидат исплатени 400 долари. Силувачот ќе ја праша Деми: „Какво е чувството да бидеш продадена?“, нешто што засекогаш ќе ѝ остане врежано во меморијата, а го споделува во својата книга. 

Освен тоа, завршувањето на детството за актерката ќе го означи и предозирањето на нејзината мајка, на која со раце ѝ ги вадела апчињата од грло.

„Следно на што се сеќавам е дека со прстите, тие мали детски прсти, ги вадев пилулите од устата на мајка ми, која се обидуваше да ги проголта, додека тато ѝ ја држеше устата отворена и ми кажуваше што да правам. Тогаш, нешто се разбуди во мене и никогаш не се врати на свое место. Моето детство тогаш заврши“, раскажува Мур.

После тоа, ќе дознае дека Дени Гајнс всушност не ѝ е биолошки татко, туку очув, но имајќи ги превид другите трауми, оваа информација нема да остави големи последици кај неа.

Кога има 16 години го напушта домот на мајка си и започнува да живее со музичарот Фреди Мур (69), со кого и ќе се омажи кога ќе наполни 17 години ( 1979 година). Во брак ќе бидат пет години, но сепак и после разводот, Деми ќе го задржи презимето Мур.

Следен во нејзиниот живот ќе дојде Брус Вилис, со кој ќе се омажи во 1987 година. За нешто помалку од година дена ќе ја добијат првата ќерка Румер, по што во 1991 година ќе се роди Скаут, а три години подоцна и третата ќерка, Талула.

После 11 години брак, оваа позната холивудска двојка ќе се раздели. Деми ќе каже дека на Брус му пречело тоа што таа многу работи и што нема време да се посвети на семејството.

Во 2001 година, ќе го запознае 16 години помладиот Ештон Качер, со кој ќе се обиде по трет пат да има успешна брачна приказна. Двојката ќе се земе во 2005 година. Неколку месеци пред свадбата, Деми ќе има спонтан абортус во шестиот месец од бременоста, што ќе се одрази на нејзиното здравје и функционирање.

Неможејќи да се помири со фактот дека ќеркичката ја нема, спасот ќе го побара во алкохолот и таблетите. Како вели, на крајот дознала и дека Ештон ја изневерува, што ќе биде причина за разводот во 2011 година, а истата година ќе добие напад и ќе побара помош во една клиника за одвикување од зависности.

Актерката денес тврди дека повеќе не консумира алкохол. Престанала да го пие во 20-тите, за повторно да почне во 40-тите и сега повторно да го остави во шестата деценија од животот. На тој ни малку едноставен пат, благодарна е на најблиските што ѝ пружиле љубов и поддршка и што не се откажале од неа.

„Ми дадоа шанса да го поправам мојот живот, пред да уништам сè. Очигледно, во мене видоа повеќе од она што јас го гледав во себе и поради тоа сум им неизмерно благодарна, бидејќи без таа шанса и нивната верба во мене, денеска не би била жива. Кога ќе погледнам наназа на својот живот, сфаќам дека секоја пат кога ќе потклекнев, вусшност ја губев својата моќ. Навистина ми беше важно да родам дете по природен пат, затоа што не сакав да го пропуштам тој момент. А тогаш доживеав болка. Така што, додека не пијам, не пропуштам ништо во животот. Ниту еден момент. Само понекогаш доживувам малку болка“, вели Деми.

Но, освен неа, проблеми со алкохолот имале и нејзините три ќерки, кои пред три години, преку своите Инстаграм профили се пофалија дека му кажале збогум на алкохолот, а најмладата ќерка освен тоа, имала проблем и со анорексијата, кој успеала да го надмине.

Веројатно тоа е уште една од работите на кои Деми не е горда, затоа што и покрај сиот гламур, да се биде дете на холивудски познати родители, како велат нејзините ќерки, не е воопшто така гламурозно и лесно како што мислат останатите.

Сепак, со сите болки и радости, Деми се труди да го живее животот со полна пареа, а тоа го рефлектира и преку своите појавувања.

 

фото извор: pinteres.com; instagram.com; 

Објавено:
10 март 2020
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
2.995 пати