Десет икони на убавината на XX век

4 октомври 2013

Многу често знаеме да правиме компарации на „модерниот“ идеал за убавина со оние кои биле земени како пример за такви низ годините кои одминале. Драстични разлики и промени нема, секоја убавица е приказна сама по себе, а критериумите за убавини од период во период се релативни.

 

 

Затоа направивме една селекција каде преку хронолошки редослед на децениите одбравме десет девојки во чиј лик е отелотворен идеалот на убавината.

1900 година Гледис Купер

Гледис Купер

 

Кај оваа актерка можеме да го препознаеме таканаречениот Едвардот идеал на убавина кој се одликува со бледа кожа, дебели веѓи, длабок поглед, темни очи и бисерно розови усни. За да имаат ваков тен жените користеле оризово или бисерно пудро во прав, а на усните ставале листови од афион, за да добијат свежи, слатки и бојадисани усни.

1910 година Теда Бара

Теда Бара

 

Една од најпознатите ноншалантни модни икони која прв пат во градењето на идеал на убавината го вметна „Вамп“ изгледот – бледо бела кожа, тешка шминка, инспирирана од Блискиот исток со темни црни очни капаци и темно црвени усни е Теда Бара. Токму во 1910 година е произведена и првата маскара од TL Williams, кој по неговата сестра Мејбел подоцна го добива името „Maybelline“. Легендата вели дека Мејбел пробала да си направи маскара од топол восок, што го инспирирало нејзиниот брат да развие целосно истражување на оваа тема се со цел да ја оствари желбата на својата сестра. Така почнала приказната за создавањето на првата маскара.

1920 година Луис Брукс

Луис Брукс

 

Со својот блед изглед, блескавите усни и смелиот кабаре стил, Луис Брукс важи за една од безвременските икона на убавина на XX век и олицетворение на шик девојка. Жените сè уште под дејство на тенденцијата од претходната деценија носат бледа кожа, темни очи и темен кармин за усни.

1930 година Карол Ломбард

Карол Ломпард

 

Со нејзините свршени јаболчници, светли, очи и полни усни, Карол Ломпард перфектно го илустрира идеалот на убавината на 1930-тите. Минимална шминка и издолжување на обликот на лицето со користење на козметички производи е тенденцијата која ги одбележа 30-тите години на XX век.

1940 година Рита Хејворт

Рита Хејворт

 

Најпозната заводничка и икона на убавината која со право се најде на оваа листа е познатата актерка и танчерка Рита Хејворт. Одликите кои треба една жена да ги поседува за да се стекне со титулата најубава во 40-тите години се убаво обликувани веѓи, брановидна фризура, туш и маскара за дефинирање на погледот надополнета со кармин во светло црвена нијанса.

1950 година Мерилин Монро

Мерилин Монро

 

Една од безвременските икони на XX век, жената за која имаме милион пати пишувано до сега и која важи за пример на женска убавина е Мерилин Монро. Нагласени очи со туш и маскара, блед тен и црвени усни се карактеристиките кои освен во 40-тите години ќе продолжат да се негуваат како тренд и во 50-тите. Совршено навиткана коса, секси изглед и прекрасна насмевка се заштитниот знак кој ја одбележа оваа деценија.

1960 година Џин Шримптон

Џин Шримптон

 

Многумина ја познаваат под псевдонимот „постер дете“, затоа што овој модел и актерка знаеше совршено да флертува со фотообјективите. Како да воспоставува љубовна врска со нив каде неизбежен е успешниот резултат. И нормално за да се доловат главните црти на 60-тите години од XX век земена е токму Џин Шримптон како совршена дефиниција која го отсликува идеалот на убавина. Вештачки трепки, бледи усни и дебела линија туш, во комбинација со нејзините светли очи и густа коса претставува совршен изглед и вистински синоним за тоа како треба да изгледа една жена.

1970 година Фара Фосет

Фара Фосет

 

Фара Фосет совршено го илустрира идеалот на убавина на малку поконтрадикторен начин, правејќи микс на еден своевиден култ на обожување на гламурозниот, светкав и сјаен изглед што на моменти делува претерано. Како и да е едно е сигурно гламурозните светки се обележје на 70-тите години, а Фара со својата специфична убавина вистински го доловува тој момент.

1980 година Мадона

Мадона

 

Една од најпознатите модни икони, вистински камелеон кога е во прашање стилот, Мадона со право е крунисана за икона на убавината на 80-тите години. Јака шминка, со силно нагласено руменило на јаболчниците и разновидни сенки за очи, тоа е тенденцијата која ги опишува 80-тите години, а Мадона е совршен пример кој го потврдува тоа.

1990 година Синди Крафорд

Синди Крафорд

 

Главниот отелотворувач на идеалот за убавина од 90-тите години на XX век е избрана манекенката чиј препознатлив белег е бемката која се наоѓа над нејзината усна и која стана тренд од тој период па наваму. Природниот изглед, со малку потемнет тен, неутрална сенка за очи и мат црвено-кафени усни е миксот кој ја одбележи оваа деценија, а Синди Крафорт започна една револуција поставувајќи ги темелите за креирање на денешните идеали на убавина и модни икони.

Објавено:
4 октомври 2013
Категорија: 
Модна икона