Прекрасната 55 годишна црвенокоса Џулијан Мур е дефинитивно една од актерките која покрај со одличната глума, во Холивуд остава огромен впечаток и со нејзиниот шик стил.

Оскаровката се чини ги ужива најубавите години од нејзиниот живот, а тоа можеме да го забележиме на речиси секој настан на кој таа буквално блеска.

Нејзината фантастична кариера започнува уште во раните години, откако дипломирала глума на Универзитетот во Бостон по што се преселила во Њујорк каде била дел од бројни претстави на Бродвеј.

Токму таму, ја забележале вистинските луѓе кои и понудиле улоги во неколку ТВ серии, по што ѝ се отворила вратата за големите улоги во единствениот Холивуд.

Актерката која на совршен начин ја изведе својата улога во големиот „Still Alice“ е една од холивудските дами кои никогаш не грешат со својот стил.

Без разлика дали станува збор за доделување на награди, модна ревија или пак едноставна прошетка со децата и сопругот, со помош на нејзините стилисти, Мур секогаш знае да ги одбере вистинските парчиња.

Како љубител на високата мода, актерката секогаш можеме да ја видиме во уникатни парчиња од светските и нејзини омилени Долче и Габана, Том Форд, Кристијан Диор и уште многу други чии креации обожува да ги носи.

Таа е речиси секогаш предвесник на некој тренд што многумина го обожаваат откако таа ќе му го покаже на светот. Тоа беше случај и со неодоливиот жолт фустан на Диор во кој се појави на доделувањето на Еми наградите, по што ја најави оваа боја како огромен хит.

Подеднакво впечатлив беше и нејзиниот Шанел фустан во кој се појави на доделувањето на Оскарите минатата година, а кој беше рачно изработен лично од Карл Лагерфелд и тоа неверојатни 927 часа.

Она по што таа е впечатлива е и нејзината неверојатна енергија со која плени каде и да се појави, а тоа го потврдуваат и многу од нејзините соработници.

„Да си со Џулијан во иста просторија, е како да си на најдобрата забава во градот“, ќе каже Алисон Прато, уредник на магазинот Net a porter.

За нејзиниот стил, актерката ќе каже дека некако доаѓа сам по себе, со тоа што таа секогаш сака да одбира помалку необични парчиња што раскажуваат некаква приказна.

Сите нејзини комбинации во кои досега сме ја виделе дефинитивно раскажуваат поинаква стилска приказна, а токму тоа е и причината што Џулијан Мур е модна икона на нејзината генерација!

Објавено:
12 јануари 2016
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
856 пати