Ерика Баду – првата дама на нео-соул музиката

7 јули 2020

Греми наградуваната музичарка Ерика Баду, светот ја препознава како прва дама на нео-соул музиката, иако самата ја негодува оваа етикета за која ќе каже дека е погрешна и бесмислена.

А ако не е првата дама на нео-соул правецот, тогаш јавноста ќе ѝ залепи уште една етикета: кралица на турбанот. Па, затоа и ќе престане да го носи, иако долги години е ракопис на нејзиниот визуелен идентитет. Но, од едноставна причина што целиот нејзин опус не прифаќа да биде сведен на марама врзана околу главата, одлучно ќе се откаже. Ерика Баду не прифаќа еткети!

И таквиот нејзин став ќе ја води низ творештвото, кое е толку автентично и индивидуално и моќно, што ќе ја позиционира како една од највлијателните уметници во современото творештво и една од најмаркантните жени, една од таквите поради кои постои терминот и функцијата „муза".
Својот пат од Јужен Далас, каде што е родена во 1971 година, до светската слава, ќе го пробива сама и одлучна, препознавајќи која е и каква е нејзината вредност.

Фузијата на соул, фанк, џез, хип-хоп, во нејзиниот музички идентитет ќе создаде една таква посебна карактерстична нишка, поради која и критичарите со најизострен слух имаат проблем да ја сместат во конкретен правец. Всушност, таа создава уметност без рамки. За слобода, за танц со себе кога никој не те гледа.

Нејзинот деби албум „Baduism" од 1997 година, три пати станал платинум и заедно со On&On освои Греми награда во 1998 година.

Добар дел од нејзините песни се напишани под влијание на џез музиката, а текстовите што ѝ даваат слоевита структура, се исклучително ангажирани и со политичка и со филозофска и со социјална длабочина.

Нејзиниот стил е визуелна реплика на нејзината музика. Суштински, со приказна, со порака... Кај неа ништо не е случајно, па ни тоа што облекла. А често и во приватниот живот и на нејзините официјални појавувања во јавноста, носи признати дизајнерски имиња, онакви какви што го надополнуваат нејзиниот сензибилитет. Меѓу сите нив, носела дизајни и на нашиот моден дизајнер со лондонска адреса, Марјан Пејоски за кој вљубениците во модниот дизајн знаат дека работи под познатата етикета KTZ.

Сестраноста во уметнички контекст, Ерика ја покажа и на филмското платно. Неколку забележителни улоги во неколку познати остварувања ѝ обезбедија место и меѓу филмските ѕвезди. Филмовите „Blues Brothers 2000", „The Lider House Rules", „House od D", „Before The Music Dies", „Dave Chappelle's Block Party", се во листата.

Ретко која икона истовремено е и музичка и модна и општествена. Една од таквите раритети е токму Ерика Баду.

Фото: Пинтерест

Објавено:
7 јули 2020
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
362 пати