Error message

Малкумина можат да се пофалат дека се икони на убавината кои поседуваат вродена елеганција, шарм и држење. Оваа жена со својата женственост може да се пофали и со многу повеќе од тоа, Грејс Кели покрај тоа што со нејзината професија како актерка достигна неверојатна слава и популарност, си го оствари сонот кој го има секоја девојка, да стане принцеза.

 

Грејс Кели

 

Во контекст на неодамнешните случувања во дворецот Монако каде кралското семејство деновиве се спрема за двете свадби кои им претстојат... Имено внуката на Грејс Кели Шарлот Касираги и нејзиниот постар брат Андреа Касираги решија својата љубов со нивните партнери да ја крунисаат со свадбена церемонија. Затоа решивме денес да ви ја претставиме модната икона на сите времиња, најубавата меѓу најубавите, таа е жената која го освои светот, Принцезата од Монако Грејс Кели.

 

Грејс Кели

 

Кога на 13 септември 1982 се рашири веста за ненадејната смрт на жената со лебедова убавина која шармираше со својата појава, со нејзиниот истанчен вкус и жената која ја носеше најубавата венчаница на сите времиња, светот беше шокиран, но истовремено таа остана запаметена како модна икона, софистицирана дама и вечно млада.

 

Грејс Кели во „Совршен злочин“, од 1954 година со Ентони Досон

 

Нејзиниот живот и нејзиното постоење во историјата се земени како пример дека ако веруваш, соновите се остваруваат. Грејс Патриција Кели е родена во Филаделфија, во богато американско семејство на 12 ноември, 1929 година, како трето од четири деца. Нејзиниот татко Џон Кели работел како претприемач, а нејзината атлетски градена мајка Маргарет Маер е првата професорка по физичка култура на Универзитетот во Пенсилванија. И покрај противењето од страна на семејството Грејс не се откажува од својата цел и пасија која ја гаји према филмското платно. После своето дебитирање како статист на 22 години, следуваат низа улоги во филмови кои ќе ја вивнат и повисоко од ѕвезденото небо. „Четиринаесет часа“ од 1951, „Огнено попладне“ од 1952 и „Могамбо“ 1953 се филмови снимени еден по друг каде принцезата ја имаше честа да игра со актери од светски ранг како Кларк Гејбл и Ава Гарднер. Потоа следува соработката со Алфред Хичкок, каде Грејс ја предводи актерската екипа во три негови ремек дела: „Совршен злочин“ од 1954, „Прозорецот во ходникот“ од 1954 и „Фати го крадецот“ 1955. Интересен е фактот што снимајќи го токму последниот филм во Кнежеството Монако, се запознава со Принцот Раниер, кој подоцна ќе и стане сопруг.  За соработката со Хичкок треба да останат запаметени моментите кои креираат една оксиморонска реалност на неизвесноста во сцените, како мраз кои врие, нагласувајќи ги противречностите и перипетиите кои следат во самата приказна и сето тоа видено низ призмата на неверојатната убавина и сензуалност на Кели која го обзема екранот.

 

Семеен портрет Принцот Раниер, Грејс Кели и нивните деца Каролина, Алберто и Стефанија

 

Непосредно, во 1955 година ја освои престижната филмска награда Оскар за улогата во филмот „Девојката од село“. Флертот и врските со едни од најубавите мажи не беше никаков проблем за Грејс Кели, таа доброволно се предаваше на љубовта која и ја нудеа филмските ѕвезди. Но се чинеше дека љубовта кон Принцот Раниер е посилна од се и дека таа е токму онаа вистинската. Холивуд  го загуби својот најсјаен дијамант. Како што беше сакана и обожувана во светот на кинематографијата, така беше третирана и од страна на народот во Кнежеството. Се здоби со епитетот Принцезата Грејс.  После бракот со Принцот Раниер,  Грејс се посвети исклучиво на фамилијата и нејзините три деца Каролина, Алберто и Стефанија. Никогаш не престана да биде она што беше и кога ја почна својата кариера како актерка, заводлива, убава, сензуална дама, која и ден денес останува како спомен и модел на современите девојки и жени.

 

 

Објавено:
26 август 2013
Категорија: 
Модна икона