МОДНА ИКОНА

Grimes: Модна икона од иднината

14 јули 2022

Уште од самиот почеток на својата кариера, канадската пејачка, текстописец и продуцентка Клер Елис Бушер, најпозната по уметничкото име Grimes, знаела како правилно да ја користи својата сцена како платформа за креативно изразување на повеќе полиња. Нејзиниот универзум претставува уникатен спој на музика, визуелна уметност и мода.

Фото: nssgclub.com

Стилот на Grimes (34) е во постојана еволуција, од нејзините почетоци во доцните 2000-ти па сè до денес, а со тоа е тешко да му се даде конкретна рамка и дефиниција. Но она што е сигурно е дека нејзиниот стил е секогаш илустративен, вонземски, футуристички, гласен и екстравагантен. Различен, а сепак карактеристичен за неа.

Нејзината естетика влече директна инспирација од аниме до боливудски филмови; од суперхерои до фантастични франшизи; од Sailor Moon до Game of Thrones; од Толкин до Филип К. Дик; од манга до стрипови на Чарлс Барнс и Даниел Клоус; од делата на Метју Барни до сајберпанк; од вештачка интелигенција до модата од 90-тите. Grimes го опишува својот стил како „средновековен футурист, елфски технократ или рококо научна фантастика", а нејзините омилени дизајнери се Ајрис Ван Херпен, Шарлот Ноулс Лондон и Хјеин Сео.

Фото: nssgclub.com

Честопати ќе ја видите како се појавува на јавните настапи и црвените килими во креации со јаки бои и металик елементи, комбинирани со разнобојна коса, кратки шишки, графичка шминка и шилести уши, кои прават Grimes неодоливо да потсетува на некаков хибрид помеѓу киборг, вонземјанин и шумски елф. Па така станува јасно дека нејзиниот стил игра неверојатно значајна улога во нејзиниот уметнички израз во поп културата.

Кога за прв пат Клер настапи под името Grimes во 2007 година и почна да експериментира со визуелната уметност и продукција во електронската музика, нејзиниот стил отсликуваше јасна инспирација од научната фантастика и јапонската култура. Нејзиниот стил и референци се отсликуваа и во нејзиниот мрачен деби албум Geidi Primes, како и нејзиниот втор студиски албум Halfaxa. Во тој период Grimes ја прифати мрачната готска естетика, но затоа пак во 2012 година, околу објавувањето на нејзиниот следен студиски албум, Visions, таа ги направи тешката шминка, пастелните бои и предимензионираните парчиња облека есенцијални делови од нејзината „самовилска" уметничка личност.

Фото: nssgclub.com

Фото: nssgclub.com

Во 2014 година, со објавувањето на албумот Art Angels, Grimes внесува сериозни хараџуку вибрации измешани со уште еден карактеристчно јапонски уличен стил Visual Kei, најчесто присутен кај јапонските рок бендови, додека пак во спотот за песната „Flesh without blood" таа го менува правецот во својот стил појавувајќи се како жесток француски рококо лик и морничав каубојски ангел со розова капа. За нештата да станат уште поинтересни, во спотот за „World Princess Part II", Grimes открива дека знае да го смири стилското „лудило" и со неверојатно женствен изглед, докажувајќи уште еднаш дека нејзиниот стил е исклучително нестабилен и повеќеслоен.

Фото: nssgclub.com

Уникатниот пристап на Grimes кон музиката и модата, како и нејзината воодушевувачка камелеонска способност да се менува и да изгледа неверојатно добро во секаков стил и креација, ја направи пејачката една од омилените ликови од поп сцената со кои модните дизајнери сакаат креативно да експериментираат.

Еден од највпечатливите изгледи на Grimes е оној во спотот за песната „Violence", каде пејачката облече парче на Ајрис Ван Херпен - проѕирен мрежест фустан со деколте и металик сребрени ленти кои креираат оптичка илузија за окото на гледачот.

Ајрис Ван Харпен ја облече Grimes и за минатогодишната Мет Гала во фустан со металик елементи и лелеава бела наметка во комбинација со метална маска за лице, меч и лампа во форма на книга, како омаж на нејзиниот лик во футуристичката видео игра Cyperpunk 2077.

Фото: nssgclub.com

Но, покрај Ајрис Ван Харпен, Grimes зад себе брои значајни соработки со врвни имиња како Шанел, Проенза Шулер, Александар Ванг, Стела Макартни, Луј Витон, Родарте. Оваа година пак, Grimes зрачеше со „средновековна научно-фантастична енергија" во новата кампања за Дион Ли, а во нејзиното последно музичко видео за песната , дизајнерот Ашер Левин ја облече во костими кои совршено ги споија 3D принтањето и виртуелната реалност со вонземската естетика на Grimes.

Фото: Vogue

Фото: Vogue

Фото: Vogue

Покрај неспорниот музички талент и жанровска смелост, на Grimes очигледно ѝ оди одлично и во поставувањето на своите столбови во светот на модата како модна икона, а ние сме нетрпеливи да ја видиме во нејзиното следно издание, без разлика дали тоа ќе биде уште некоја верзија на ѕвездена воинка, машина во синтетичко тело или пак самовила.

Костимот за спотот на „Shinigami Eyes" | Фото: nssgclub.com

 

Погледнете повеќе од изгледите на Grimes. 

 

 

Објавено:
14 јули 2022
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
238 пати