Хрватска 62-годишна адвокатка е вистинска модна икона

19 јули 2016

Нејзиното име е Јадранка Слоковиќ и е една од најпознатите адвокати во Хрватска. За нејзината способност и популарност говорат и елитните и популарни клиенти меѓу кои и Северина и Иво Санадер.

Зад себе има еден брак, со писателот Бранислав Глумац, со кого има и син, а од 2002 година до денес е во врска со не помалку познатиот адвокат Чедо Продановиќ, со кого имаат и заедничка адвокатска канцеларија.

Хрватските медиуми ја сакаат не само поради тоа што е професионално моќна, туку и поради тоа што е вистинска модна икона.

Доколку сакате да дознаете кога е родена, нема да можете, бидејќи овие лични податоци вешто ги крие од јавноста. Сепак, од едно интервју со поранешниот сопруг и информацијата околу нивното запознавање, се дознава дека Јадранка има 62 години.

Тоа ја прави уште поинтересна во модна смисла, бидејќи неа очигледно годините воопшто не ѝ тежат, напротив, ретко кој би рекол дека е на таа возраст.

Многумина ќе кажат дека неодоливо потсетува на Дајан Китон, или уште повеќе, дека е микс од Дајан и Шерон Стоун.

Без разлика дали се согласувате со ова или не, ќе признаете дека оваа дама апсолутно освојува со својата појава.

Препознатлива е по црно-белите комбинации. Белата кошула е нејзиниот “must-have“ и во деловниот и во приватниот живот. Всушност, Слоковиќ одлично знае да го приспособи личниот стил на секоја пригода.

Ретко дава интервјуа, особено поврзани со мода, но во едно за порталот „24 sata.hr“ ќе каже:

-Не ми се допаѓа ништо што изгледа евтино. Тоа не се однесува само на цената на одредено парче. Некој купува злато и брилијанти, а јас сакам облека. „Диор“ здолништето го обожувам како најубава скулптура, а имам пријателка која никогаш не купува ништо поскапо од пет фунти кога е облеката во прашање, а вози „Ферари“ – открива адвокатката.

Во младоста постојано носела фармерки, од кои вели, не планира да се раздели.

-Нема да се откажам од нив ни на 100 години. Најчесто носев фармерки со маица и кожена јакна, сѐ додека не се распаднат. Тоа го комбинирав со чизми без потпетица. Првото здолниште го купив кога се вработив во Јавното обвинителство. Во летниот период, кога не е задолжителна деловната строгост, јас пак сум во џинс, со широки или тесни ногавици, но сакам и ѕвонарки, па дури и оние најшироките. Имам и искинат џинс – вели Јадранка.

Признава дека дневната облека ѝ наликува на униформа.

-Тоа е црно, темносино или сиво одело и бела кошула, а со тоа доаѓа и наметка, мантил... За што и да се одлучам, тоа мора да биде големо, меко и удобно. Сакам големи капути, машки... Најгломазен ми е оној од „Луј Витон“... На ваква комбинација, сакам да ставам и тесна вратоврска и јас сум си облечена како што треба. За вечерните излегувања пак, бирам смокинг, задолжително црн, со  бела кошула и панталони, а понекогаш одбирам и фустан.

На тоа зошто ретко кога може да се види друга боја на неа, вели:

-Никогаш во животот не сум облекла розова или светлосина нијанса, или пак жолта, или фустан со карнери... И нема, освен ако нешто не полудам во осумдесетата – ќе каже на шега.

Низ годините најголемите промени ги прави со косата. Така, од куса, преку исправена со шишки, сега е дама што носи брановидна фризура со должина до раменици.

Ако подетално го анализирате нејзиниот стил, ќе забележите дека посебно внимание посветува на изборот на чанти, кои секако , соригинали од познатите светски брендови.

„Шанел“ е чест избор, а и легендарната „Диорама“ е нешто што Јадранка со задоволство го комбинира.

Хрватските медиуми беа изненадени од бохо-нотата што ја внесе, комбинирајќи бела кошула и панталони со чанта „Шанел“. Се работи за моделот „Messenger bag“ од колекцијата пролет-лето 2015 година, која чини 3.800 евра.

На неа одлично изгледаат белите кошули од „Ив Сен Лоран“, чевли од „Валентино“ или „Луј Витон“.

Свесна дека модните додатоци прилично придонесуваат за една комбинација да биде успешна, особено ако белата и црната се основата на вашиот стил, така сосема е логично дека и очилата за диоптрија и оние за сонце се внимателно бирани.

Таа не се труди да ги сокрие брчките. И покрај тоа што изгледа одлично, сѐ уште не се одлучила за никаква корекција, освен за скапа нега на лице и тело.

Покрај строгиот стил, за статусот модна икона можеби најмногу придонесува нејзиниот став и појава кои гласно порачуваат: Јадранка е моќна!

 

фото извор: zadovoljna.hr; jutarnji.hr; tportal.hr; pinterest.com; buro247.hr; stylezagreb.hr; story.hr; gloria.hr; slobodnadalmacija.hr; miss7.24sata.hr; vecernji.hr; 

Објавено:
19 јули 2016
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
31.450 пати