Иди Кемпбел е новата кралица на модните писти

5 декември 2013

 

Непосредна, опуштена и насмеана Иди Кемпбел на само 23 години е одбрана за најдобра манекенка за 2013 година. Примајќи го признанието на присутните им кажа дека на манекенките им е забрането да зборуваат, бидејќи тоа би можело негативно да се одрази на нивната кариера.

 

 

На ова големо случување манекенката се појави облечена во темни фармерки, несредена фризура, нежна шминка и оригинално палто. Понекогаш едноставноста е доволен индикатор за автентичен стајлинг, кој повеќе личи на комбинација која би ја облекла секоја „обична“ девојка, а не најдобрата манекенка.

 

 

Жирито едногласно во својата одлука, изјави дека Иди наградата ја заслужила работејќи на повеќе кампањи, едиторијали, како и парадирањето на ревиите за скоро сите светски брендови и модни куќи. Иако, Кара Делевињ лани се закити со ова признание, не беше присутна во публиката, а абележавме многу претставници на модата од речиси сите светски меридијани.

 

 

Инаку Иди Кемпбел е британски модел, родена во 1990 година во Лондон. Својата кариера како модел ја започнува откако зема учество во фотосесијата која Марио Тестино ја работеше за списанието Вог, каде се раскажуваше приказната за животот на младите лондончани преку фотографии. Потоа, Марио Тестино ја ангажира во кампањата на Барбери, каде Кемпбел позира заедно со врвниот модел Кејт Мос. Таа е член на модната агенција VIVA Model Management од Лондон.

 

 

Во нејзиното модно портфолио својот потпис го ставија многу  познати модни дизајнери како Александар Меквин, Барбери, Марк Џејкобс, Џил Сандер, Кашарел, Ланвин и Карл Лагерфелд. Газеше на пистите промовирајќи ги модните инсталации на Шиатцу Чен, Барбери, Хермес, Шанел, Такун, Кашарел и Ив Сен Лоран. Ги красеше насловните на Numero, Love Magazine, британско, италијанско и американско издание на Вог, како и магазинот W.

 

Иди Кемпбел е миленичка на Карл Лагерфелд, па со оглед на нивното пријателство нејзе и припадна честа да ја затвори ревијата на Шанел за сезоната пролет-лето 2012 година, облечена во невестински фустан. За сезоната есен-зима 2013 година, Кемпбел ги отвори ревиите на Марк Џејкобс, Џил Сандер и Луј Витон, а го стартуваше и го затвори и модното шоу на Барбери.

 

 

Во 2013 година Иди се појави на насловната страна на априлскиот број на британското издание на Вог, и како и на италијанското издание на истиот магазин, но за месец мај заедно со колешката, британскиот модел Карен Елсон.

Млада, амбициозна, вистински камелеон за модни трансформации и „суров“ материјал за обработка кој дефинитивно ќе го освежи светот на модата.

 

Објавено:
5 декември 2013
Категорија: 
Модна икона