Како Валентино Гаравани стана ВАЛЕНТИНО?

13 мај 2022

Познатиот дизајнер Валентино Гаравани неодамна го прослави 90 роденден. По тој повод во градот Вогера во Италија, инаку неговиот роден град, беше отворена изложба со 50 парчиња со потпис на дизајнерот, кои ги дизајнирал од 1960 па до денес.

Воедно, по повод овој роденден, модната куќа „Валентино“ претстави лимитирана колекција на дуксери, со некои од најпознатите изјави на Валентино, меѓу кои и  „I love beauty. It's not my fault“.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Valentino (@maisonvalentino)

 

Инаку, како пренесува неговиот партнер Џанкарло Гамети за „WWD“, дизајнерот нема да има гламурозна роденденска забава, пред се' поради почит кон Украина.

Сепак, низ годините знаел да направи роденденски забави за паметење. На пример, за неговиот 50 роденден во 1982 година, њујоршкото „Студио 54“ беше претворено во циркус. Во 90-тите пак, родендените беа во Лос Анџелес и тоа во организација на Том Хенкс и Рита Вилсон. Во 2001 пак, со пријателите отпатува на Нил, а роденденски забави правел и во Лисабот, Рио де Женеиро, Лас Вегас, Капри итн.. Деведесетиот сепак, одлучил да го помине во кругот на семејството во Рим, каде што и живее.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Valentino (@maisonvalentino)

Како Валентино Гаравани всушност стана легендарниот ВАЛЕНТИНО?

Модата ја сакал уште од мала возраст, а благодарение на неговата тетка Роса, која била локална модна дизајнерка. На 17 години го напушти семејниот дом за да студира мода на институтот Сент Марио во Милано. Таму го учи и францускиот јазик, со цел да може да ги продолжи студиите на „École des Beaux-Arts“ во Париз.

Конкуренцијата била огромна, а Париз моден центар. Сепак, успеал да се искачи до врвот. 

Се пријавил на познатиот натпревар на „Вулмарк“ и освоил прва награда, што подоцна ќе му успее и на Ив Сен Лоран и Карл Лагерфелд. Благодарение на тоа, во 1950 станал младо, но мошне надежно и забележано име, па не случајно добил работна понуда од Жан Десес, француски дизајнер. Кај него научил да работи вечерни фустани и рачно да плисира ткаенини. Во тоа време, за свој ќеиф скицирал колекција венчаници, која ја нарекол „Dream Dresses“, но никогаш не ја реализирал.

Во 1991 година, неговиот тим во ателјето ќе му приреди изненадување од 30 години постоење на модната куќа „Валентино“ , изработувајќи ги фустаните токму од таа колекција и прикажувајќи ги во рамки на изложбата со која е прославена годишнината.

Интересно е што во времето кога Валентино е кај  Десес, таму работи и Гај Ларош. Тој во 1957 одлучува да даде отказ и да започне сопствена модна куќа. Валентино ќе му се придружи и во неговото ателје ќе работи две години, а потоа одлучува да се врати во Рим.

За да отвори свој бренд ќе добие помош од својот татко и првата колекција ќе ја прикаже токму во неговиот салон. Да се вивне во ѕвездите му помогнала токму Елизабет Тејлор. Имено, таа во Рим ја снимала Клеопатра, го забележала негвоиот салон и работа и порачала бел фустан кој го носеше на премиерата на „Спартак“ во 1960 година. Двајцата ќе станат големи пријатели, а Валентино за кратко време ќе стане еден од најбараните дизајнери на светот. 

Својата прва колекција од Висока мода ќе ја претстави во 1962 година во палатата „Пити“  во Фиренца, а токму во ова време ќе биде осмислен и терминот Valentino Red, за што секако инспирација била црвената која често ја користел во своите колекции.

На списокот на негови клиенти ќе се најдат и белгиската кралица Паола, британската принцеза Маргарет, Одри Хепберн, Џеки Кенеди, која ќе носи токму негова креација за својата втора венчавка со  Аристотел Оназис во 1968.

Денес познатото лого V, го претставува во 1967 гходина во колекцијата која му донесе престижна награда, а која беше комплетно бела. Една година подоцна, отвора нови продавници во Рим, но и во Њујорк. Тогаш веќе и го започнува бизнис партнерството с о Џанкарло Џамети, со кој подоцна ќе остварат и емотивна врска.

Инаку, тие двајца ќе бидат самостојни сопственици на брендот се' до 1998 година, кога компанијата е продадена на конгломератот HdP за 300 милиони долари. 

После речиси 50 години постоење на модната куќа, Валентино во 2007 година, на 75 годишна возраст објави дека се повлекува од модниот свет. Последната ревија ја има во парискиот музеј „Родин“, каде по пистата чекореа Наоми Кембел, Клаудија Шифер и Ева Херцигова.

Година дена после неговото пензионирање прикажан е документарниот филм „Valentino: The Last Emperor“, во кој се прикажани детали од животот и кариерата на дизајнерот.

 

Објавено:
13 мај 2022
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
392 пати