Првата асоцијација за оваа девојка на многумина би им бил Паоло Коељо. Kолку што е досега познато, тие не се во роднинска врска, но тоа не значи дека оваа 27-годишна девојка нема да ви се допадне.

Таа е една од најуспешните бразилски блогерки (блог: Super Vaidosa) и мејкап артисти. Има и свој јутјуб канал MakeUpByCamila2. Таму ги презентира техниките на шминкање и изгледи, најчесто инспирирани од познати личности.

Доказ дека на Камила ѝ оди одлично со ова што го прави, не се само милиони следбеници, туку и соработката со козметичката компанија „Сигма“. Тие ја посакаа за нивно заштитно лице и не само тоа. Младата Коељо има посебно дизајнирана линија на декоративна козметика насловена како Nightlife by Camila Coelho.

-Уште како девојче бев максимално женски настроена. Сакав розова боја, шминки, сè што е за девојчиња. Знаев дека еден ден ќе работам нешто што е поврзано со убавина/мода. Во моментот кога „ја открив“ шминката знаев дека тоа е за мене. Па, станав мејкап артист. Мојот прв голем ангажман беше за Диор. А потоа почнав да работам како шминкер за Macy’s – раскажува Коељо.

И покрај тоа што ги следи трендовите, има еден што не може да го поднесе.

-Екстремно темните, речиси црни усни, никогаш не ми се допаѓале. Но, во секој случај, морам да признам дека на некои луѓе добро им стојат.

Јутјуб каналот го отвора од хоби, со идеја да презентира лесни туторијали за тоа како да се нашминка некој дел од лицето и да им покаже на девојките (во почетокот особено на другарките) како на едноставен начин можат да направат професионална шминка или фризура и тоа во домашни услови.

-Во видеата и блогот се трудам да бидам специфична, посебна и своја колку што е можно повеќе, за да можат оние што ме следат да се поврзат или поистоветат со мене и она што го правам. Исто така, многу сум врзана со оние што ме читаат. Секогаш ми е важно да го слушнам она што имаат да ми го кажат. Добивам многу мејлови и коментари на социјалните мрежи. Тоа ми помага да комуницирам со нив. Исто така, тоа ми овозможува да знам што сакаат да гледаат и секогаш ја почитувам нивната желба – вели Камила.

Таа за само две години стана некој што инспирира многу млади девојки, особено во Бразил и Португалија. Но, и оваа млада блогерка има свои омилени ликови.

-За мене Ким Кардашијан дефинитивно е „бјути“ кралица. Секогаш изгледа прекрасно, со различна и инспиративна шминка и коса. Навистина ја сакам и секогаш со нетрпение чекам да видам каков ќе биде нејзиниот избор на следна голема манифестација – и кога е модата и кога е козметиката во прашање.

Првиот производ од декоративна козметика што го употребила е црвениот кармин.

-Не знам дали се смета ова, но навистина, кога имав пет години се шминкав со црвениот кармин на мајка ми. Тој е дел од моето минато, имам многу фотографии од детството токму нашминкана со него, вклучувајќи ја и мојата прва фотографија за пасош!

Шминката ја сака, и ја користи речиси секој ден, а се користи и со трикови.

-Наутро, лицето си го мијам со студена вода, а потоа го чистам. Во деновите кога имам снимање, или треба да се фотографирам, а особено ако се работи за утрински часови, за да ги отстранам подочниците, поспаното и подуено лице, користам еден трик со мраз. Ставам мраз во кесичка, а потоа ја обвиткувам со памучна крпа, за да не ми ја „изгори“ кожата и ја ставам на цело лице, со благи притискања и така 5-10 минути. После тоа, кожата изгледа свежа и подготвени сте за сè што следи. Никој нема да знае дека само што сте станале од кревет – сподели 27-годишната блогерка.

А на прашањето, дали има некој необичен ритуал за убавина ќе каже.

-Масажа на лице. Го масирам цело лице, вклучувајќи и движења кај усните и веѓите. Изгледа неверојатно чудно и необично, па ја правам само кога сум сама дома. Тоа ми е трик од мајка ми.

Камила не крие дека е опседната со контурирање  и нагласувањето како дел од шминкерска техника. Но, вели дека не претерува.

-Ги контурирам малку деловите околу носот и јаболчниците и навистина има разлика. Кога се шминкам, тоа е како терапија за мене и не се брзам. Најчесто потребно ми се 30 минути да се нашминкам, но кога брзам, можам и за пет. Не се сеќавам кога последен пат сум излегла од дома без шминка (се смее). Чудно ми е кога немам шминка. Морам макар ББ крема да ставам, бидејќи е лесна, не ми го оптоварува лицето, а сепак ги покрива несовршеностите.

И покрај тоа што ова можеби и не е најдобриот пример што го дава, Камила признава дека најдобриот совет што таа го добила е следниот:

-Секогаш сакајте се себеси. Да, ние жените сакаме шминка и дотерување, ни помага за самодоверба, но кога се чувствувате добро во своја кожа, кога се сакате онакви какви што сте, е тоа прави разлика и тоа е најважно на крајот од денот. Да бидам добра личности и да останам убава од внатре е за мене најважно.

Објавено:
3 ноември 2015
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
2.413 пати