Брендот Каролина Херера го прослави 35 годишниот јубилеј со лансирање на ексклузивна колекција во која вклучи шест различни парфеми за кои беа направени и шест елегантни фустани.
Во таа чест, на лансирањето на колекцијата во Москва пристигна ќерката на дизајнерката, Каролина Херера де Баез која лично им ги претстави на присутните новите парфеми и говореше за историјата на куќата.
На 27 – ми април 1981 – ва година, Каролина Херера дебитираше во модниот свет со нејзината колекција ексклузивно прикажана во Њујорк.
Каролина Херера денеска е пример за елеганција, пример за сите жени со она што таа го прави. Како што ќе каже во едно интервју, таа има остро око за детали – ако тие не се соодветни, ќе го уништат целиот изглед.
Нејзиниот стил важи за еден од најженствените, најелегантните во светот на модата. Тој не е ниту винтиџ, ниту модерен, туку едноставно женствен и формален.
Таа верува дека секоја жена во својот плакар мора да поседува фустан, „пенкало“ здолниште и вечерна тоалета.
Родена во богато семејство во Венецуела, омажена во уште побогато во Шпанија. Како што самата ќе каже – „моето око беше навикнато да гледа убави нешта“.
Оттаму, воопшто и не треба да нѐ чуди нејзината неверојатна естетика и фантазија кога станува збор за создавање на најубавите минималистички парчиња.
Во 1986 – тата година ќе го направи фантастичниот свадбен фустан за Каролина Кенеди, ќерката на Џон Ф. Кенеди со што за многу кратко време ќе стане една од најбараните и најпопуларни дизајнерки во САД.
Година подоцна, ќе ја лансира и првата невестинска колекција со што уште еднаш ќе го потврди статусот на дизајнерка која навистина знае што жените сакаат.
Денеска, на 77 годишна возраст таа сѐ уште важи за вистинска убавица и жена која секогаш знае да ја направи вистинската комбинација за вистинскиот повод.
„Модата е денес. Тоа не значи дека ќе облечам кожени хеланки или ќе излезам целосно гола од дома. Не можеш да бидеш гол. Не можеш да се водиш според црвениот килим. Не можеш да се водиш според Инстаграм. Секогаш морате да имате сопствени идеи кои сакате да ги покажете. Дизајнирајте со очите широко отворени. Направете тоа да трае, но не ги бунете луѓето“, вели дизајнерката.
Она со што оваа жена успеа да биде една од најдобрите е тоа што таа секогаш сака да ги изненади своите клиенти со нешто свежо, но никогаш не сака да ги шокира.
Херера секогаш ќе биде дизајнерката чии парчиња ќе бидат познати како суптилни и минималистички, но секогаш толку посебни и нежни со поинаква магија од сите останати.