Кејт Бланшет - Поим за дама и жена со (моден) став

14 мај 2021

Нејзиниот стил еволуираше пред јавноста, до ниво на совршенство. Таа сама по себе е дефиниција за: ставот е сè. Кејт Бланшет - дама и моден камелеон истовремено.

Неслучајно е муза на бројни дизајнери и уметници, а секое нејзино појавување, особено на црвениот килим, е посебна приказна која со задоволство ја раскажуваме.

Речиси невозможно е да наидете на промашена комбинација во нејзиниот имиџ. Секогаш доследна на себе и соодветно стилизирана на пригодата. Грациозна и во обичен, секојдневен изглед.

Оскаровката Кеј Бланшет остава впечаток дека ги надминува сите стандарди на Холивуд: таа е фасцинантна во нејзината професија, генијално се преродува во улогите кои ги толкува, често, но успешно презема модни ризици, а публиката е маѓепсана од нејзината појава – не толку поради нејзината чиста, кристална убавина, колку поради тоа што таа е вистинска!

Во нејзиниот стилски профил доминираат андрогените прачиња, особено панталоните со чисти и остри линии, но и покрај тоа Бланшет совршено го одржува балансот со нејзината елегантна, женствена страна. Па така на црвениот килим може да ја видиме во софистицирани гламурозни тоалети, а речиси и да не постои дизајнер со кој не соработувала - „Диор“, Џон Галијано, „Баленсијага“, „Живанши“ се само некои од нив, а познато е дека е една од омилените музи на „Армани“.

Во 2015 година со брендот потпиша договор вреден 10 милиони долари, за промовирање на нивните парфеми, а таа вели дека нејзината врска со брендот е многу подлабока од хонорарот.

„Кога го добив мојот прв хонорар во животот, си купив Армани костим, којшто се уште го имам и се уште обожавам да го носам“, ќе изјави тогаш.

„Вог“, но и други магазини повеќекратно ја прогласуваа за најубаво облечена жена.

Немаме што да додадеме, освен да се согласиме.

А впрочем во прилго на тоа доаѓаат и фотографиите во продолжение:

 

Објавено:
14 мај 2021
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
1.294 пати
Тагови: 
Кејт Бланшет