Кери Бредшо или Саманта - која беше поголема модна икона?

15 јануари 2021

Веста за враќањето на „Сексот и градот“ разбуди возбуда кај генерацијата што ревносно ја следеше серијата во нејзиното златно време.

За потсетување, „Сексот и Градот" се прикажуваше со голем успех од 1998 до 2004година, почнувајќи како обична серија која на крајот остави повеќе од моден печат во модата. Во суштина, серијата го промовира личниот стил, а гардеробата на секој карактер беше воедно и показател на личноста. Тоа беше серија која рушеше табуа, но ќе се согласите и животен стил кој во реалноста (барем тогашна) не беше мошне логичен.

Покрај возбуда, кај дел од публиката имаше и разочарување поради фактот дека Саманта нема да биде дел од новите 10 епизоди. Во медиуми се појавија разни шпекулации - дека веќе е возрасна за таа улога или пак дека конфликтот што го имаат со Сара Џесика Паркер е виновен за ваквата одлука.

Да, се согласуваме дека серијата нема да биде иста без Саманта, бидејќи иако Кери на некој начин ја одбележа приказната, Саманта беше омилениот лик на повеќето.

Гледано и во модна смисла, овие два лика или жени ако сакате, беа доминантни. 

Токму во продолжение ќе се потсетиме на некои од нивните највпечатливи комбинации, обидувајќи се да одговориме која од нив беше поголема модна икона и може ли воопшто да се толкуваат така.

Кери Бредшо носеше добар спој на винтиџ и висока мода, а Саманта носеше сè што е „нападно“ и ги истакнува женските облини. Нивните стајлинзи зборуваа многу за идентитетот на личноста, пренесувајќи го тоа на девојките кои ја заживеаја оваа серија.

Заслуагата за тоа најмногу и припаѓа на костимографката Патриција Филд, која изгради име токму од стајлингот на актерките. Филд ги „ископа" од ефтини аутфити па се до висока мода, таа наметна стил кој и денес е нослив и тренди.

Саманта ги актуелизираше впечатливите очила за вид, но и оние за сонце, кои армија девојки обожуваат да ги носат. Кери на себе секогаш имаше маркантни модни додатоци кои често беа совршено споени. Саманта носеше брошеви и скапи обетки, посебно во работна варијанта која ја симболизира моќта на жената.

Покрај стилот на Кери Бредшо и темите кои ги наметнуваше Саманта, нејзиниот стил беше ставен во втор план, барем од страна на гледачите.

Но, тоа не значи дека беше лош. Напротив. Саманта беше одраз на модерна деловна жена, кралица на костимите и оделата, кои денеска се апсолутен хит. Не стравуваше да го покаже својот сексапил и да внесе боја во тмурното секојдневие.

Гледано од аспект на тоа колку чинат парчињата облека, Саманта имаше поскапи парчиња, бидејќи Кери често комбинираше дизајнерски парчиња со обични. Од друга страна, кога е колекцијата на чевли во прашање - Кери е победникот, а за чанти - Саманта.

Ако зборуваме за израз на личност и став, бидејќи комплетна модна икона го подразбира тоа, тогаш Саманта е далеку подоминантна од Кери. И не е важно дали се согласувате со нејзините избори, начин на живот, факт е дека овој лик зборуваше за табу теми, кои во 2020 година изгледаат дури и смешно.

А за модните парчиња? 

Голем дел од комбинациите се и денес тренд - оделата и костимите на Саманта, нејзините тесни фустани и оние со гол грб, очилата за сонце кои ги споменавме предмалку и впечатливите обетки со суптилен дизајн. Блејзерите на Кери, „слип“ фустаните, влечките и сандалите...

Кому би ја дале вие предноста? Која е поголема модна икона?

 

Објавено:
15 јануари 2021
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
2.586 пати