Да бидеш прогласена за модна икона од The New Yorker на само 19 години е како да го достигнеш врвот.
Денеска, на 42 години актерката и модел Клое Севињи сѐ уште важи за една од највпечатливите модни икони од времето на Кејт Мос која има навистина импресивно портфолио.
Веројатно знаете дека досега таа се нашла на огромен број насловни страници на познати магазини, била дизајнерска муза, била и дел од бројни едиторијали на модни куќи, но и самата дизајнирала колекција за Opening Ceremony.
Она што многумина не го знаат за неа, е каков човек всушност била таа. Иако важи за една од најпопуларните ИТ девојки од 90 – тите, таа денеска не се грижи многу за социјалниот живот и социјалните мрежи.
Профилот на Инстаграм го отвори пред седум месеци, а како што самата ќе каже, повеќе би се убила отколку да го провери нејзиното име на Гугл.
Неодамна напиша и книга во која ја открива нејзината вистинска страна, а во истата смести и многу приватни фотографии што светот досега не ги видел.
„Знаете, неодамна наполнив 40 и тоа ми се чинеше како вистинско време да направам нешто такво, да прославам за себе. Во книгата сместив и фотографии од годините што изминаа, од мојата работа како модел, како актерка, како уметник. Мислам дека ова требаше сега да се случи, во ерата на Интернетот, да постои една таква книга“, вели Клое.
Таа пораснала во Конектикат, па ќе каже дека уште од мала знаела дека сака да работи нешто креативно. Со оглед на тоа што потекнувала од мало место, Њујорк се гледал како сосема погоден за да ја продолжи кариерата во правец во кој таа замислувала.
Во текот на кариерата се појавувала во магазини кои таа ги сметала за „кул“ како The Face, i-D, Interview и Paper, магазини кои правеле разлика во тоа време.
Севињи ќе каже дека најмногу сака луѓето да ја почитуваат како актерка, а потоа како сѐ друго. И самата е свесна за неверојатните комбинации по кои беше позната каде и да се појави, по кои луѓето и денеска ја препознаваат.
Низ годините, таа стана препознатлива по мотото „носи го она што го сакаш и само она што го сакаш“, по кое се чини се води и денеска.
Таа никогаш не се појавила во некое парче само затоа што истото е тренд или само затоа што сите мислат дека е кул. Како што ќе каже, ако си ја вршите работата и вистински сте она што сте, тогаш сите ќе ве почитуваат за тоа.
Нејзината љубов кон стилот од 70 – тите и винтиџ парчињата ја направи она што таа и денеска е, кул модна икона со уникатно чувство за вистинските парчиња облека.