Осми февруари, денот кога е роден Џејмс Дин и воедно повод да се потпсетиме на оваа модна икона и неговата животна приказна. Загина кога имаше само 24-години, но влијанието кое го изврши врз поп-културата ширум светот е се' уште присутно.
Заедно со Че Гевара, неговиот лик се најде на бројни тинејџерски постери, симболизирајќи ја младешката побуна и отпорот кон авторитетот на постарите генерации. После смртта Дин стана предмет на бројни аналитички текстови, книги, документарни и играни филмови, што се обидуваат да ја објаснат легендата изградена околу неговото име.
Како и секој мит и овој е исполнет со нејаснотии и претерување. Животот на Џејмс е обвиен со вел од тајни, почнувајќи од жените со кои се дружел, преку гласините за тоа дека е хомосексуалец и психичките проблеми до опсесивноста со брзина, што на крај го одведе и во смрт.
Она што е неоспорно е неговиот талент и фактот дека во сите три филма - “Rebel Without a Cause”, “East of Eden” и “Giant” покажа неверојатна актерска умешност.
Неговото целосно име е Џејмс Бајрон Дин, а роден е во Индијана, во семејство на забниот техничар Винтон Дин. Во 1935 година со родителите се сели во Санта Моника, но неговата мајка Милдрид умира од рак пред Џејмс да го прослави 9 роденден. Тоа е една од причините за неговите психички нестабилности. После тоа случување, таткото го враќа малиот Џејмс да живее кај тетка му на фарма.
И покрај тоа што носи очила за вид со дебели стакла, во средно училиште е вистинска локална ѕвезда. Станува дел од училишната кошаркарска екипа, а државниот јуниорски рекорд во скок со стап е токму негов.
После матурата во 1949 година, се сели во Лос Анџелес, а причина се студиите на колеџот „Санта Моника“. Живее со татко му и маќеата, но само неколку месеци. Поради турбулентниот живот во новото семејство, во 1951 ги напушта студиите и по инсистирање на неговиот пријател и режисер, Џејмс Вајтмор, се сели за Њујорк, за што посериозно да му се посвети на актерството.
За да преживее, почнува да работи на паркингот пред телевизиското студио „СВЅ“, а неговиот прв професионален ангажман е во реклама за „Пепси“. Бргу потоа се запишува на легендарната актерска школа „UCLA“ во Њујорк, каде воедно ги добива и првите улоги во мали бродвејски претстави. Недолго после тоа, го забележува и Холивуд. Со улогата на арапскиот жиголо во претставата „The Immoralist“, го воодушевува режисерот Ели Казан, кој му нуди улога во остварувањето „Источно од рајот“.
Тоа е првото од трите големи ангажмани што ќе останат засекогаш во историјата. Но, овој филм е значаен бидејќи најмногу влијаел врз неговиот статус на бунтовничка икона. Џејмс тука го толкува ликот на Кал Траск, момче што се бори со неговиот брат за татковото внимание. Очигледно дека проблемите на Кал допреле до младите поствоени генерации, кои ги препознаа како свои.
Пред реализацијата на овој филм, многумина го споредуваат со Марлон Брандо, но после премиерата, сите сфаќаат дека Џејмс Дин носи свој печат и ќе остане запаметен едноставно како Џејмс Дин. Одличната глума во остварувањето му носи номинации за Оскар, но неколку месеци после церемонијата, Дин заминува во легендите.
После големото филмско деби, Џејмс како страствен љубител на брзото возење, го купува својот прв спортски автомобил, Порше 256 спајдстер, после што почнува активно да учествува во авто-трки. За време на снимањето на филмот „Бунтовник без причина“ на Николас Реј, кој и денес важи за симбол на тинејџерската побуна, го купува новиот автомобил, „Порше 550 спидстер“, еден од 90-те произведени таа година. Џејмс нагалено автомобилот си го викал „мала битанга“. По добивањето на улогата на богаташ во филмот „Џин“, во кој глуми со Елизабет Тејлор и Рок Хадсон, не се трка со автомобили, затоа што тоа му е забрането со договор.
Џејмс Дин исклучително ја сакал камерата, и тоа не само кога снимал филмови, туку и кога им позирал на познатите фотографи од тоа време. Тоа довело актерот да стане и модна икона. Очилата што се дел од голем број фотосесии сепак не се моден додаток, туку потреба, бидејќи Џејмс бил екстремно кратковид. Фотографијата со долг мантил и цигара во уста, на улиците во Њујорк, е една од неговите легендарни.
Стилот на Дин е длабоко вкоренет во постулатите во поп-културата, така што елементите што го прават овој стил не се поврзани само со Џејмс лично, туку се основни елементи на добар машки стил.
Шармот е она што многу му помогнало во кариерата, како и неговата ноншалантност.
Но, додека едни го фалеа, други не. Многумина мислеа дека неговите филмови се виновни на младинските немири во САД во 1960-тите. Сепак, во неговото матично студио „Warner Bros“, најмногу се грижат во тоа време за гласините за неговата хомосексуалност. Од таа причина започнуваат и нова серија статии за негови врски со Урсула Андрес, Лиз Тејлор, Натали Вуд, Мерилин Монро и други познати актерки и старлети од тоа време. Иако секогаш истакнувал дека е изразен хетеросексуалец, приказните за аферите со мажи стануваат сè погласни. Причините можат да се бараат или во љубомората на неговите колеги или пак во неговата алчност за слава. Не е тајна дека Дин бил фасциниран од Марлон Брандо, кој е првиот што го испраќа кај психијатар да се „откачи“ од своите опсесии. Од друга страна пак, актерот Мартин Ландау категорично тврдеше дека Дин не е хомосексуалец, како и Денис Хопер.
Но, кога е љубовта во прашање, вистинската негова љубов и врска е онаа со италијанската актерка Ана Марија Пјеранџели. Таа исто умира млада, од преголема доза лекови. Ако им се верува на биографиите, Ана Марија била единствената љубов на Џејмс, но нивната врска не успеала поради тоа што медитеранската убавица не можела да му ги прости бројните авантури. Според една од приказните, Дин навистина бил со скршено срце после таа разделба, а особено кога се омажила за пејачот Вик Дамон. Два дена после свадбата, Џејмс ја доживува трагичната сообраќајка, а уште една од приказните вели дека актерот ја гледал венчавката на својата сакана скриен во грмушки покрај црквата.
Џејмс со Ана Марија
На „судниот“ ден, 30-ти септември 1955 година, актерот се упатува во Салинас на авто-трка, заедно со својот механичар, Ролф Витерих. Додека приоѓаат кон едно од околните села, ги пресретнал средношколецот Доналд Турндспид со својот „Форд“. Тој во еден момент врти од главниот пат кон споредната улица, но не дава сигнализација. Дин се обидува да избегне, но „Форд“-от удира во левата страна на „Порше“-то. Витерих поминува скршеница на ногата, додека Дин со скршеница на вратот, а целата лева страна на телото била „сомелена“. Средношколецот пак, поминува само со модрици. После првата реконструкција, полицијата не го тужи, бидејќи се утврдува дека Дин возел со 120 км на час. Но, после неколку години и повторна реконструкција на несреќата, се утврдува дека Дин не возел повеќе од 100 км на час. Според зборовите на неговиот сопатник, последните зборови на Џејмс биле: „Не е можно дека не нè гледа...“
После оваа реченица, му се припишува митот „Живеј брзо, умри млад и биди убав труп“. Погребан е на „Парк“ гробиштата во Феримонт, во 1977 година на неколку стотици метри од местото каде што погинува, има споменик со негов лик.
после автомобилската несреќа
Дин сè уште претставува, според истражувањата на психолози, дух на младост, слобода, здив на побуна. Поради тоа, адвокатот Марк Розлер, после информацијата дека Калифорнија ќе го донесе законот за заштита на ликот и делото на починатите славни личности во корист на членовите на семејството, основа корпорација, и го наговара семејството Винслов во Индијана, како единствени живи роднини на актерот, да основаат „Фондација Џејмс Дин“. На тој начин го заштитуваат ликот и делото на Џејмс Дин, но добиваат и дел од заработката од предметите со негов лик. Според некои податоци, само во 1989 година, семејството заработило милион долари, што и денес оди во прилог на големината на неговиот лик.
Во продолжение ќе се потсетиме на некои од фотографиите на Џејмс Дин и препознатливиот стајлинг што вклучува кожена јакна, џинс и секако очила.