Мануел „Маноло“ Бланик Родригез е роден во 1942 година во Шпанија, а одгледан е на Канарите, на кои почнал да учи за мода. Гледајќи ја мајка му како се облекува и шие особено како ги носи креациите на тогаш ултимативниот котуриер Кристобал Баленсијага и како ги листа модните магазини, не било возможно љубовта да не се роди.
Иако неговите родители сакаа тој да се занимава со право, тинејџерот Маноло сепак се одлучи да студира јазик и уметност, а во 1965 година, со преселувањето во Париз, по првпат се обиде во дизајнерските води во театарските сетови.
Откако при една посета на Њујорк доби одлична можност своето портфолио да го покаже на тогашната уредничка на американската модна библија, само еден поглед беше доволен Дијана Вриленд да му сугерира да остави сè и да дизајнира исклучиво чевли.
Потоа, Бланик се пресели во Лондон, каде се вработи во модниот бутик Запата и во меѓувреме пишуваше за италијанскиот Вог.
Со заем од 2.000 фунти, Маноло го купи бутикот Запата и во рамки на тој простор во 1973 година го отвори својот продажен салон.
Како верен љубител на женствените stiletto потпетици, Маноло веќе во 1970-тите години му сврте грб на трендот на масивните платформи и продолжи со својата замисла, сакајќи да се здобие со елитни клиенти.
Неговиот бутик во Лондон честопати го посетуваше модната икона Бјанка Џегер, која токму во „маноло чевли“ го приреди оној легендарен влез во Студио 54 на бел коњ. Неговите чевли своевремено ги обожуваше и Мадона, која во една пригода ги опиша и како подобри од секс. На Маноло не му се допадна оваа изјава сепак, па ѝ врати со коментарот: „Мораме да ѝ се восхитуваме на Мадона за тоа што вешто го прикрива недостатокот на талент“.
Бланк вели дека неговите чевли ѝ помагаат на жената во трансформација. А серијата „Сексот и градот“ го покажа тоа. Многумина сметаат дека токму серијата допринесе за популарноста на Маноло.
„Ѕверката“ ја запроси Кери Бредшо токму со чевел од Маноло Бланик, а подобра реклама од тоа се чини тогаш немаше.
Неговите чевли ги освоија и модните дизајнери Џон Галијано, Каролина Херера, Келвин Клајн, како и Зек Посен, Проенца Шкулер, Викторија Бекам, Ана Винтур.
Она по што Маноло е најмногу познат е тоа што лично го надгледува секој процес при изработката.