Модна икона: Шарлиз Терон – божицата на Холивуд

19 октомври 2022

Неспорен е фактот дека Шарлиз Терон е една од најголемите убавици што некогаш Холивуд ги имал, колку што е неспорен и фактот дека поседува неверојатна моќ за трансформација на филмското платно, што е еден од битните квалитети за добар актер.

Токму трансформациите за карактерите што таа ги толкува, имаат значајно влијание и на нејзините модни трансформации на црвениот килим, за кои е одговорна нејзината долгогодишна стилистка Лесли Фремар со која соработува од 2008 година.

Почнувајќи од портретирањето на серискиот убиец Ајлин Вунро во „Monster", улога која во 2004 ѝ донесе Оскар, па до толкувањето на ликот на новинарката Меган Кели во „Bombshell", низ својот кариерен пат Шарлиз се најде во чевлите на дијаметрално спротивни ликови по секоја основа, што беше одлична шанса да го покаже и својот талент, покрај убавината.

Со созревањето како актерка, созреваше и нејзиниот стил, па сега со своите 47-години може слободно да забележиме дека Шарлиз негува беспрекорен имиџ, не само поради тоа што ретко кога нешто не ѝ прилега благодарение на физичките предиспозиции, туку и поради тоа што добро се запознала себе си и ги применила советите на професионалците без притоа да дозволи суетата на ѕвезда да замеша прсти.

И тука повторно ќе ја споменеме нејзината стилистка Лесли Фремар, која од Шарлиз создаде смела модна икона. Дури и кога експериментира со нејзиниот изглед на црвениот килим и бира неочекувани комбинации, тоа го прави визонерски и токму тоа „пресметано" пробивање на мразот, Шарлиз секогаш ја издвојува на врвот на најдобро облечените.

Сетете се само на нејзиниот изглед на Оскарите во 2019 година, кога носеше небесно син макси фустан од Диор, закопчана до грло, а толку женствена и секси.

И најчесто на црвениот килим ја гледаме во Диор, чие заштитно лице е со години. Но, неретко и во Живанши, Селин, Александар Меквин, чија естетика е блиска до нејзината.

Важи за една од најгласните актерки кога тема е родовата еднаквост во Холивуд, а е пример и за актерка која како добива на години така добива и се повеќе понуди за важни улоги.

„Жените треба да разберат дека изгледот не е најважен. Возраста не влијае на светот околу нас. Јас сега имам 41 година и работам многу повеќе и подобро отколку пред 20 години. И добивам повеќе улоги. Треба конечно да се надмине овој стереотип за стравот од стареење. Не разбирам зошто да се плашиме од нешто што е природно? Тоа е дел и процес од нашиот живот што не може да го одбегнеме. Брчките се неспоредливи со мудроста и искуството", помеѓу другото" изјави Терон во нејзиното интервју за магазинот Vanity Fair пред шест години.

А од друга страна додава:

„На мажите им се простени брчките во нивните 40-ти години, а од жените се бара вечна младост. Тоа не е фер. Тие стандарди за убавина се далеку од реалноста".

Нејзиниот приватен живот и тешкото детство, за кое долги години избегнуваше да зборува за да не биде сожалувана и третирана како жртва, сега веќе им се добро познати на јавноста. Растела во константен страв во семејство со татко алкохоличар, се до големата животна пресвртница кога нејзината мајка во самоодбрана го усмртила, пред нејзините очи. Длабоката траума од детството не беше пречка таа да се оствари како добар родител, откако во 2012 и 2015 посвои две дечиња.

 

 

Објавено:
19 октомври 2022
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
1.201 пати