Ребека - име што бргу се памети. Но, таа со своите музички и генерално професионални и животни чекори, направи да биде име што нема ни бргу да се заборави.
Првата песна со која публиката ја запозна беше „Недопирлив“ во 1986 година. Таа настапува заедно со бендот кој го носи токму името „Ребека“ и го предводеше Дуке Бојаџиев.
Бендот ќе постои околу една година, а следната песна во интерпретација на Ребека ќе биде „Што ми направи“ во 1992 година. На времето, тоа ќе биде голем хит.
Сепак, вистинската „ера на Ребека“ започнува во 1996 година со песната „Мачо“. И не само во музичка, туку и во модна смисла.
Сите се сеќаваме на црниот комбинезон од латекс, отворен во делот на деколтето и црвената коса со кадрици до рамена. Изглед што веднаш привлекува внимание, со што Ребека само ја најави својата модна и музичка храброст.
„Мачо“ ги рушеше рекордите на домашните топ листи, но беше слушана и во другите балкански земји, што во тоа време и не беше баш лесно. После „Мачо“ следи „Сакам нешто жешко“, преработка на оргромниот хит на Дона Самер “Hot Stuff“ што ја прави заедно со Дарко Димитров и со која го задржува провокативниот секси изглед, кој вклучува повторно латекс, кожа, тесни парчиња.
Со оглед на тоа дека Ребека е вистинска природна убавица, воопшто не беше тешко да го задржи вниманието на пулбиката, кога е нејзиното појавување во прашање, но покрај физичкиот изглед и имиџот кој беше поразличен од се' што претходно сме виделе, песните беа модерни, нови, урбани... Ребека знаеше што прави и го правеше тоа светски.
Кон крајот на 90-тите се појави и песната „Обиди се“ која беше проследена со револуционерен спот, зад кој се потпишува Дејан Миличевиќ. Токму со него ќе ги направи некои од највпечатливите спотови на македонската модна сцена.
Ребека ќе покаже дека е далеку пред своето време. Во спотот се појавува и Франц од групата„Нокаут“ кој во тоа време исто така е ултра популарна, што дополнително ја привлекува публиката. Не се случувало често некој да сними спот во кој се појавува колега. А кога е изгледот во прашање, фризурата со опавчиња различно позиционирани, што беше светски хит во тоа време и неонски бикини, кои и денес се мошне популарни, само потврдија дека Ребека работи светски.
Потоа следат видеата за „Фантазија“ и „Покажи ми“. Во првиот Ребека прави неверојатни трансформации со фризура и шминка, додека во вториот, дава холивудски глам со македонски потпис и поставува нови стандарди.
„Нешто убаво“ внесува и нов звук на домашната сцена, но и повторно нова визуелна приказна, овој пат со „Томато продуцкија“.
Со спотот за „Од другата страна на љубовта“ ќе стане меѓу првите која третира една социолошка тема на таков начин, што ќе биде поздравено и од публиката.
Нејзиниот стил приватно е мошне различен од она што го покажуваше на сцена, каде секогаш беше секси, провокативна, трендовска за светски поим, но не и вулгарна. Границата не ја преминуваше никогаш.
Со македонската модна куќа „ЕЛЕНА ЛУКА“ соработувала во повеќе наврати, за јавни појавувања, модни проекти, а се паметат хуманитарните настани „Бал на различности“, каде ги здужија силите.
Оние што денес се занимаваат со музика можат во голема мера да ѝ заблагодарат за тоа прва сруши некои табуа, покажа храброст, смелост, визуелна различност и вкус, визија и умешност да изгледа светски.
За жал, архивата со фотографии и спотови кои би било одлично да се дигитализираат е сиромашна, но сепак преку оние што се достапни, успеваме да направиме ретроспектива и да се потсетиме на едно поинакво време и на оваа дама која секогаш беше чекор пред другите.