Револуционерен музичар со уникатен стил – Боб Дилан

29 ноември 2014

Тој е една од највлијателните фигури во музичката индустрија веќе пет декади, а песните„ Blowin in the wind“, „The times they are a-changin“ и шест минутната „Like a Rolling Stone“ станаа радикални химни за цивилните права и анти-воени движења во шеесеттите години на минатиот век. Во текот на кариерата, музичарот направи спој на различни музички правци како што се блузот, кантри музиката, рокот и елементи на англискиот, шкотски и ирски фолк.

Од 1994 година па наваму, Дилан има објавено шест книги со цртежи и слики кои беа дел од многубројни изложби во галерии ширум светот. Како музичар, има продадено повеќе од 100 милиони копии од 34-те студиски албуми и има освоено голем број награди, како што се Греми, Златен Глобус, Пулицерова награда и е одликуван со Претседателски медал на слободата лично од Барак Обама, во мај 2012 година. Пред неколку денови, Боб Дилан одржа ексклузивен  концерт во Филаделфија и тоа специјално само за една личност. Концертот ќе биде дел од 15 минутен документарец кој ќе може да се гледа на Youtube од 15-ти декември. Исто така, магазинот Roling Stone го прогласи Дилан за најголем соло уметник на сите времиња, а режисерот Мартин Скорсезе го сними биографски филм „No Direction Home“ за неговото универзално влијание во општествената култура.

Во шеесеттите години, музичарот беше препознатлив по кошулите со точки, тесните панталони, каубојски чизми и темните очила за сонце. Тоа што посебно го прави препознатлив и уникатен во секој поглед покрај музичкото влијание, е и стилот кој не претрпе големи промени во текот на годините. Боб Дилан предност секогаш им дава на кошулите, кои варираат во однос на принтовите, зависно од трендовите кои се ин. Хипстер во однос на стилот, Дилан акцент става на комфорниот и кежуал изглед, задолжително надополнет со очила за сонце, капа или пак интересен дизајн на шал. Токму ваквата едноставност, придонесе тој да биде една од ретките стилски и музички икони, која внесе револуционерни промени и остава печат со својата несекојдневна и уникатна појава.

Објавено:
29 ноември 2014
Категорија: 
Модна икона