Скин од Skunk Anansie –модна икона која чекори пред времето

19 септември 2015

Ако сте дете од 90-тите, и ако сте фан на алтернативната музика, сигурно ќе се сетите на еден од највлијателните женски вокали од тој период, Скин од британскиот бенд Skunk Anansie.

Од музички аспект, таа е извонреден вокал, а од моден агол таа е генијална и авангардна модна икона, секогаш чекор пред времето.

Егзотичната црномуреста пејачка, која воедно е и модел и Dj, е родена 1967 година, има безмалку 50 години, но времето за неа како да застанало. Едноставно, неверојатната енергија и харизмата што ја носи, се читат на нејзиното лице и го одржуваат нејзиниот младешки сјај.

Со формирањето на Skunk Anansie во 1994 година, стануваат планетарно популарни, трите нивни албуми ги продаваат во милионски тираж, а хитовите како Weak, Hedonism, Selling Jesus, Because of you, остануваат евергрини во музичката рок историја. Во 2001 бендот се разединува, за во 2009 година повторно да се реобединат и го издаваат албумот со хитови Smashes and Trashes.

Скин во меѓувреме продолжува со нејзината соло кариера и постојано е ангажирана за настапи низ целиот свет. Божествена, секогаш облечена авангардно во креации кои се мали архитектонски уметнички дела и се рефлексија на нејзиното беспрекорно стилско чувтсво – најчесто „размислувајќи" во црна боја.

Во едно интервју за себе ќе каже дека како дете воопшто немала стил, односно се облекувала по примерот на другите девојчиња од нејзината генерација, се до моментот кога влегува во пубертет и кога почнува да размислува малку поинаку сакајќи да биде посебна, да се издвои од мнозинството.
„Кога се запишав на Факултетот за дизајн на мебел во Лондон, веднаш почнав да размисувам за мојот стил, инспирирана од сите луѓе околу мене кои изгледаа фантастично", вели Скин во интервјуто, што и го објаснува влијанието на архитектурата во дефинирањето на нејзиниот имиџ.

Во истиот тој период голем удел во градењето на нејзиниот стил имале и Боб Марли, но и нејзината баба, често пронаоѓајќи инспирација и во нив.

Во јавноста исто така таа отворено зборува и за својата бисексуална ориентација, иако со тоа не се поврзува нејзиниот андроген стил во кој честопати знае да направи микс со класични парчиња, секогаш со акцент на рамената. Честопати на сцена може да ја видиме во креации на српската дизајнерка Ивана Пиља, која во нејзиниот дизајн исто така посветува внимание на скулптуралните форми со акцент на рамената, а која минатата година пак беше дел од Модниот викенд во Скопје.

Скин е икона зашто знае колку е значајно влијанието на визуелната појава на секој артист, правило кое покрај другите фактори го одржува и успехот на Мадона и Лејди Гага кои исто така важат за авангардни во тој поглед.

Во своите интервјуа, Скин честопати ќе спомне колку ја сака Италија, па неслучајно оваа година таа е дел од жирито на италијанската верзија на популарното талент-шоу „X Фактор".

 

Објавено:
19 септември 2015
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
571 пати