Стилско збогување со Јованка Броз

21 октомври 2013

jovanka-broz_naslovnica

Јованка Броз, некогашната прва дама на еден од најмоќните политички лидери, како и на цела Југославија, почина вчера по тешка болест.

Некогаш  насмеана и гламурозна, Јованка последните години ги помина во потполна изолација во вила на Дедиње, во беда, далеку од очите на јавноста и медиумско внимание.

Ако направиме стилско навраќање, неизбежно е да се каже дека Јованка секогаш изгледала беспрекорно, па не изненадува фактот што ја споредуваа со Џеки Кенеди и сличните стилски икони кога се работи за првите дами.

jovanka-broz-stil-3

Јованка Будисављевиќ како 17-годишна медицинска сестра му се придружи на Сојузот на комунистичка младина на Југославија. Средбата со човекот кој ќе ја направи светски позната, се случил во 1942 година во Бихаќ, а се зближиле пет години подоцна, кога го негувала по операцијата на кила. Бргу потоа станала негова лична секретарка, а во 1952 година и негова сопруга.

Тоа бил трет брак на 60-годишниот Тито, додека Јованка имала само 28. Но, разликата од 32 години не и пречела, затоа што Маршалот бил „полн со енергија“.

Младата Јованка бргу сфатила што се е потребно за да стане достојна на титулата „прва дама на Југославија“. После свадбата, таа е пратена во Рим на „курс“ за убаво однесување, протоколарни манири и држење.

„Комунистичката Пепелашка“ како некои од медиумите ја нарекоа, со својата широка насмевка успеа да стане сакана и омилена кај народот, исто колку и Тито. За разлика од нејзините источни колешки во сиви, строги и неинвентивни костуми, Јованка во јавноста се појавуваше во тоалети зад кои стојат дизајнери од Западот. За неа дизајнираа унгарската дизајнерка Клара Ротсчајлд, како и модните куќи Диор и Ланвин.

jovanka-broz-stil-4 (1)

Костумите и тоалетите и ги шиела Жужи Јелинек. Од писмата кои познатата писателка и кројачка пред неколку години јавно ги изложи, можеше да се види како од неа од Швајцарија се нарачувала памучна тантела, за долга вечерна тоалета, а исто така и пишувала како секогаш е заинтересирана за удобна, убава и модерна обувка.

Медиумите често знаеја Јованка да ја обвинат за расипничкиот и гламурозен живот, кој го водеа само дамите од Запад. Но, пред се, славните сопружници се држеа до протоколот, па облеката внимателно ја бираа во склад со обичаите на земјите што ги посетувале. Така при посетата во Јапонија, таа не смеела да спакува ниту еден виолетов фустан, затоа што таа боја таму се смета за царска и ја носи само царицата. Во посетата на кралица Елизабета, Тито носел цилиндер на глава (шапка), а во посета на Черчил носел фрак окитен со неговите одликувања.

Јованка Броз била перфекционист, зборуваат тие што ја познавале. Сакала да биде совршена прва дама, а набргу стана многу важен дел од политичкиот имиџ на Тито. Внимателно и стилски се планирала секоја средба со водечките светски политичари и познати личности од светот на забавата, независно дали се работи за формално дружење со Хрушчов, Гамал Абдел Насер или неформално со Софија Лорен или Елизабет Тејлор.

tito-jovanka-broz-vencanje-foto-dragutin-grbic

Својот едноставен и елегантен стил го дополнувала со дискретен накит и неизбежната пунџа, која и давала уреден и доминантен изглед. Од „жена-украс“ на почетокот, Јованка наводно станала активна и во креирањето на политиката на социјалистичкиот владетел. Така, постојат поделени мислења за тоа кој всушност влијаел на политичките одлуки на Тито.

И покрај долгите години во изолација и беда, последната желба на Јованка ќе биде исполнета - ќе биде погребана во белградската „Куќа цвеќа“, веднаш до гробот на Тито.

jovanka-i-tito

Објавено:
21 октомври 2013
Категорија: 
Модна икона