Во саботата Ненси Реган на 94-годишна возраст се збогуваше со светот. Таа почина во својот дом во Бел Ер, откако срцето престанало да ѝ чука.

Позната по ситната градба и беспрекорниот стил, некогашната прва дама на САД за време на претседателската функција на Роналд Реган, соработуваше со дел од најврвните модни дизајнери и куќи.

„Шанел“, Каролин Херера, „Баленсијага“, Оскар де ла Рента, Кар Легерфелд, Ив Сен Лоран, „Валентино“, Дајан фон Фурстенберг се само дел од нив. Минимализмот е она што веднаш ќе го забележите во нејзината стилска појава.

Светските медиуми пренесуваат дека покрај тоа што беше стилска икона, Ненси ќе биде запаметена и по кампањата против зависности од дрога, со порака: „Едноставно кажи НЕ“.

Во текот на животот, особено по смртта на Роналд (кој боледуваше од Алцхајмерова болест), не даваше многу интервјуа. Но, и во тие неколкуте не пропушташе да каже колку многу ѝ недостасува сопругот и колку многу се сакале.

-Кога ќе размислам, имав одличен живот. Среќна сум. Најмногу со Рони. Јас бев најсреќната девојка на светот кога јас стана ние. Дури и во најраните почетоци јас бев многу горда на него, на сè што правеше. И не бев приморана на тоа. Едноставно бев горда.

Пред неколку години беше организирана и изложба во нејзина чест, насловена како „Ненси Реган: Првата дама на стилот“, што вклучуваше 80 нејзини комбинации, почнувајќи од венчалниот фустан од 1952 година, па до последните денови на мандатот на Реган.

Роналд и Ненси Реган

Инаку, пред да го запознае Реган, Ненси всушност била актерка (како и нејзината мајка), но повеќе сакала да биде сопруга и мајка, отколку да гради кариера.

-За мене среќа е успешен брак. Мислам дека се родив за да бидам мажена – изјави во една пригода.

Но, и покрај тоа што во 1952 година се омажи за Реган, таа сепак морала да снима и неколку ниско буџетни филмови затоа што им биле потребни пари.

Таа на Роналд му давала важни стратешки совети, а била главната фигура во кампањите на Реган. Го советувала и кои личности да ги вработи први, со цел да има уште поголем успех.

Ненси Реган е родена на 6-ти јули во Њујорк. Ќе биде погребана во претседателската библиотека на Реган во Калифорнија, до нејзиниот сопруг Роналд Реган, кој почина на 5-ти јуни во 2004 година.

 

Објавено:
7 март 2016
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
954 пати