Во спомен на Дорис Деј – модна и филмска икона од златното доба на Холивуд

14 мај 2019

Убавицата од златното доба на Холивуд, легендарната актерка, пејачка и активист за правата на животните, Дорис Деј, почина вчера во 97-та година од животот, во нејзиниот дом во Холивуд.

Иако таа била во одлична здравствена состојба во текот на третата доба од животот, неодамна се разболела од сериозна пневмонија што било причина за смртта, информираат од нејзината фондација „Дорис Деј".

Место меѓу легендите ѝ обезбедија нејзините улоги во филмовите од 50-те и 60-те: „Pillow Talk", „Love Me or Leave Me" and „The Man Who Knew Too Much", а хитот од 1956 „Que Sera, Sera" е химна на нејзината богата музичка кариера. Има снимано повеќе од 650 песни, а пет од нив се нашле на престижната топ листа Billboard's Hot 100 Chart.

Била номинирана за Оскар во 1960-та година за нејзината главна улога во „Pillow Talk", добитник е на Златен Глобус и Греми, и во 1989 години ја добива и наградата Cecil B. DeMille за животно остварување во филмската уметност.

Крајот на 80-те години се повлекува од јавноста и живее мирен живот.

Кога е стилот во прашање, таа е дефиниција за елеганцијата и женственоста на златното доба на Холивуд. Секогаш одмерена, а гламурозна, грациозна во ставот и префинета во изборот на гардероба. Ако ги разгледате ретро фотографиите од почетоците на нејзината кариера, па се до развојот во врвна модна и актерска икона, ќе забележите дека токму неприкоснованата грациозност е основен нишан на нејзиниот стил низ годините и дека токму вечниот холивудски гламур од 50-те ја насочува во растењето во вистинска икона на стилот.

Фото: Getty images, Harper's bazaar

 

Објавено:
14 мај 2019
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
361 пати