Здравко Чолиќ – вечниот фраер!

29 октомври 2016

Здравко е момчето од соседството, тој е изборот што секоја мајка го сакаше да го има за свој зет. Кога станува збор за дефинирање на поимот професионалец тогаш тука нема многу размислување. Тој ги има измислено правилата за супер ѕвезда на овие простори.

Во текот на својата кариера, по толку снимени албуми продадени во милионски тираж, Здравко внимавал на секој детаљ од самиот почеток кога е во прашање модата.

Почнувајќи од сребрените костими заедно со балетската група ЛОКИЦИ, преку шармантните дуксери и лежерни фотосесии, тој секогаш беше опкружен со убавици.

Познат беше и по фамозната кожена јакна која ќе ја донесе од Лондон, а сите фраери од поранешна Југославија сакаа да имаат иста таква.

Негов заштитен знак се поло маичките кога се појавува приватно, но кога станува збор за неговите фотосесии и концерти тогаш не отстапува од костимите кои ги носи меѓу кои и Армани, Зења, Хуго Бос, Том Форд и Валентино, а вели дека најудобни му се чевлите на Ферегамо и Тодс.

Тој сѐ уште секој ден активно трча и плива и вели дека само тоа го одржува во топ форма и сѐ уште има концерти.

Тој е повеќе од модна икона, тој е легенда на многу генерации.

„Се појавуваат нови генерации, обожаватели кои се менуваат со текот на годините, но и такви кои се со мене цел живот. Тие се невидливи, јас понекогаш им ги заборавам лицата, но тие се тука и ме изненадуваат понекогаш. Младите девојки кои се полни со живот и страст сѐ уште ги фрлаат своите градници на сцена, ми даваат разни подароци, но повеќе не пишуваат писма како некогаш. Од време на време добивам некое писмо и многу се радувам, затоа што сум многу носталгичен за она мое време кога бев млад, кога сѐ беше поинаку. Во писмата има најмногу емоции. Но, ете, денеска добивам мејлови наместо писма и тоа ми е некоја утеха. Но, јас не сум активен по социјалните мрежи. Сѐ уште два дена пред концерт не одам по кафеани, внимавам како се однесувам, не се опуштам, се инхалирам, не пушам. Час и половина пред концерт сакам да сум сам. Кога ќе видам различни генерации на моите концерти сум најсреќен“, изјави во една прилика Чолиќ.

Тој додава дека неговите две ќерки се неговиот најголем успех.

„Бракот како институција е во криза. Еманципацијата на жената, рамноправност, сето ова доведува до некои други размисли за формата брак. Жената во овие времиња е многу послободна и јас ја подржувам“, ќе додаде тој.

 

Здравко Чолиќ: Црно одело е синоним за мажественост.

Објавено:
29 октомври 2016
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
1.568 пати