10 нови креативни идеи за велигденски јајца

11 април 2020

Ни се ближи еден од најголемите христијански празници, за кој секогаш се трудиме да имаме убава и богата трпеза, секако според можностите, но и убаво украсени велигденски јајца.

Во ерата на Интернетот, и бојадисувањето јајца доби нови облици и начини, а ние денес ќе ви претставиме 10 идеи што можеби и не сте ги сретнале до сега и со тоа ќе ги изненадите вашите најмили. Исто така, сите се интересни и не премногу тешки, па можете да ги украсувате и со вашите деца, кои сигурни сме, бескрајно ќе се забавуваат.

Погледнете ги идеите:

Шеќерна волна

За ова ви се потребни топчиња од памук, малку водени боички (или прехрамбени), лепак и маркер. Со боите направете пастелни нијанси во бојата што ја посакувате и обојте го памукчето. Оставете малку да се исуши. Потоа, на јајцето нанесете лепак на местото каде што сакате да стои памукчето и залепете го облачето. Можете да нацртате со фломастер корнет, па да изгледа како сладолед, или едноставно да ги оставите памукчињата да бидат како облачиња. Ако имате светки, можете да нанесете малку одозгора.

 

Конфети

Конфети може да се купат, но доколку не најдете во големите маркети, можете да ги направите дома, потребна ви е само дупчалка за хартија. Доколку немате ни тоа, купете шарени бонбони, нека бидат рамни. Нанесете лепак на местата каде што сакате да ги наредите и оставете да се зацврснат. Не притискајте пресилно.

 

Балони

Едноставно е, купете шарени балони. Сварете ги јајцата, обојте ги во бојата што ја сакате. Откако ќе ги врзете балоните, исечете го крајот на балонот и залепете го на врвот на јацето. Досетливо, зар не?

 

Иницијали со бел маркер

 Можете јајцата да ги оставите во својата природна боја, а можете да цртате и врз обоени. Потребен ви е тенок бел маркер. Нацртајте ги буквите во стилот како на фотографијата. Можете да направите и композиција, на пример, „Честит Велигден", кој ќе биде ефектен во велигденската кошница.

 

Копчиња

 Потребни ви се стари копчиња и малку силикон или лепак. Со копчињата направете форми какви што сакате - цветчиња, ливчиња, зајчиња... А ако е потребно доукрасете со форми од хартија.

 

Лаванда

 Обојте ги јајцата во пастелно виолетова. Околу јајцето намотајте дебел конец, волна или јута-конец и врзете панделка. Потоа во конецот поставете ги сувите гранчиња лаванда. Доколку немате лаванда, можете да се послужите и со свежи гранчиња од нане, рузмарин, магдонос... Што и да ви се наоѓа при рака.

 

Украсни ленти

 Ако дома имате украсни паспули, односно ленти, на креативноста ѝ нема крај. Потребно е само да имате лепак и да ги исечете како сакате. Потоа залепете ги според својата креативност.

 

Шеќер

Не мора да ги купувате кесичките со кристали, можете да си ги направите во домашни услови. Потребен ви е лепак, може и течен, но и оној во стик, и еден сад со ситен шеќер. Нанесете го лепакот по површина на јајцето, а потоа наросете го во шеќер.

 

Зеленчук

 Потребни ви се слафетки во зелена боја (или тенка мека хартија) и маркер. Во зависност од тоа кое овошје или зеленчук сакате да го добиете, обојте ги јајцата, а потоа со хартија обликувајте ги ливчињата и со лепак залепете ги на потребните места. Со маркер, обележете некои детали (точки кај јагодите, линии кај морковот и слично)

 

Металик + иницијали

 Ако сакате некому да подарите велигденско јајце, може да го персонализирате. Првата буква од името, нацртајте или испринтајте ја на хартија (подобро е самолеплива, но може и обична) и позиционирајте ја на средина на јајцето. Потоа, со металик спреј обојте го, држејќи ја буквата убаво на површина. Кога ќе завршите, отстранете ја хартијата и ќе го добиете резултатот на сликата.

Објавено:
11 април 2020
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
8.160 пати