Час по геометрија: Трапезоидно здолниште

10 ноември 2014

Трапезоидното здолниште е клучно модно парче без кое дизајнерите немаше да ја започнат актуелната студена сезона. Правилата за повторната афирмација на трапезоидните здолништа на модната сцена се мошне едноставни. Креаторите само се навратија на 60 – тите години кога овие здолниште беа актуелни, се потсетија на часовите по геометрија, го освежија А- кројот, додадоа модерен изглед и добија дизајнерско парче кое ќе биде водечки модел оваа зима во плакарите на голем број дами.

Карвен и Гучи Карвен и Гучи

Модните куќи Карвен и Гучи се одлучија за чиста стилизација на здолништето и го комбинираа со чизми над колена. Поагресивна комбинација на овој тип здолниште понудија модните брендови Спортмакс и Рошас. И во двете визии станува збор за трапезоидно здолниште со миди должина. Кај Спортмакс тоа е изработено од кожа на питон, има странични џебови, а на половината е стегнато со масивен ремен од истиот материјал и дезен. Моделот е комбиниран со кожена црна кошула и црни високи чизми. Кај Рошас пак, стајлингот е поблаг во однос на првиот. Станува збор за трапезоидно здолниште со миди должина изработено од сјаен кожен материјал кое е комбинирано со раскошна кошула украсена со светкави монистра и кристали, црни чевли на потпетица, декорирани со истите светкави кристали како и кошулата и впечатливи ракавици со реси.

Проенза Скулер Проенза Скулер

Ако не сте толку храбри, а сте вљубенички во едноставната женственост и елеганција, тогаш модните специјалитети на Џил Сандер и Проенза Скулер се вистинскиот избор за вас. Првата комбинација е едноставна и еднобојна. Трапезоидното здолниште е со должина до над колена има висок струк и е комбинирано со едноставен џемпер и рамни чевли во стилот на популарните оксфордки. Во модниот пример на Проенза Скулер здолништето е комбинирано со блуза изработена во пачворк техника која на половината е стегната со светкав ремен и популарните оксфордки како завршница на целиот изглед.

Трусарди Трусарди

Долче и Габана, Кензо и Валентино одлучија трапезоидното здолниште да биде комбинирано со соодветно сако со цел да се нагласи деловниот и формален изглед. Тоа не беше дел од модните приказни на Ајсберг, Paul & Joe и Трусарди кои на трапезоидното здолниште решија да му дадат една лежерност комбинирајќи го со предимензионирани џемпери.

Луј Витон Луј Витон

Луј Витон, односно креативниот директор Никола Гескиер е единствениот кој одлучи да не излегува премногу од првичната визија на здолништето, па така задржувајќи го шармот на 60 – тите моделот го комбинираше со горна тренерка со патент, ремен на половината и чизми до глужд декорирани со логото на брендот.

Објавено:
10 ноември 2014
Категорија: 
Направи сам