Сигурни сме дека не постои девојка, жена, која што не го слушнала советот дека е добро мокриот костим за капење да се пресоблече после излегувањето од вода.
Некои од вас веројатно и го практикуваат тоа, додека другите преферираат да останат во истиот и да се сончаат во него.
Што вели струката?
Барајќи информации и одговори, најчестите стручни препораки е да не се седи во мокар костим за капење, бидејќи може да предизвика низа здравствени проблеми кај жената, кои и не се баш наивни, а ниту безопасни.
1. Воспаление на мочниот меур
Наглите промени на температурата - излегување од климатизирана просторија или влегување во студена морска вода, можат да предизвикаат воспаление на мочниот меур. Треба да се внимава и при користењето на јавни тоалети, при што опасноста не е само кај тоалетната школка, туку и тоалетната хартија, чешмите, вратите... Седењето во мокар костим за капење дополнително му носи студ на стомакот, односно бубрезите и само ќе помогне за побрзо воспаление.
Симптомите се често мокрење пропратено со пецкање, дури и трагови крв во урината, а во таков случај задолжително да се побара помош од стручно лице. Со таков проблем препорачливо е да се пијат макар две литри вода дневно, топол увин чај, свежо овошје и зеленчук.
2.Габични инфекции
Седењето во мокар костим за капење е идеален начин да развиете габична инфекција. Притоа, тоа е најизразено кај жените со послаб имунитет, изложени на стрес и оние кои јадат премногу благо.
Надворешните полови органи, но и матката содржат мешана флора која ја одржува киселоста на тој дел, односно pH вредност. Кога киселоста е намалена (pH поголем од 4,2), тогаш на интимниот дел се населуваат микроорганизми или се зголемува бројот на оние кои се веќе присутни.
Габичните инфекции се едни од најупорните и најдолго се третираат, а најчеста е кандидата. Најчести симптоми се црвенило, чешање, оток, зголемен исцедок...
3. Воспаление на јајници
Воспалението од овој тип е многу често за време на летен одмор на море, а се манифестира со болки во долниот дел од стомакот, пределот на левиот, десниот или двата јајника, а некогаш се јавува и зголемена телесна температура.
Може да се лечи со антибиотици кои ќе ви ги препише доктор, а за да не се случи избегнувајте студени напитоци, не чекорете боси и не седете предолго во мокар костим за капење, не задржувајте се премногу ако водата е студена. Ако сепак се случи да имате вакво воспаление, стапалата и стомакот изложете ги на сонце за да бидат топли.