Како да носите кратки здолништа во А-крој?

17 октомври 2014

Тенденциите во однос на мини здолништата неколку сезони не насочија да ги заборавиме оставени длабоко во гардероберот, но дизајнерите се сетија како повторно да ги вратат од секојдневието на понежниот пол. Сега  правилата се променети и тоа значи дека можете да го нагласите сексапилот со кратките здолништа, но преку оние во А-крој. Тие се толку инспиративни и дозволуваат многу комбинации како за дневна така и за вечерна варијанта, а за полесно да почнете да ги практикувате имаме неколку решенија за Вас.

 

Урбан рок-шмек

Инспирирани од 60-тите, здолништата во А –крој се најдоа како опција од повеќе дизајнерски решенија за тековната сезона, посебно оние изработени од кожа која автоматски асоцира на рокерскиот стил. Па’ така еден од предлозите е токму ваквото здолниште комбинирано со мото јакна и едноставна памучна маичка, кошула или ролка под истата. Дизајнерите  на писта ова парче најчесто го претставија во целосен спој од црна боја.

 

 

Женствена формалност нагласена со ремен

Доколку преферирате формалност и не толку кратко здолниште, туку она што е меѓу мини и миди можете да го комбинирате со некоја лесна кошула од шифон или таква во спортска варијанта која ќе ја вовлечете во здолништето, а дополнително ќе го нагласите струкот со контрастен ремен што ќе го врзете поинаку од класичниот начин.

 

Сексапилни и во дебел џемпер

Здолништето на кое ставаме акцент речиси од многуте идеи за комбинации ги нагласува нозете. Кога еден дел е откриен, секогаш важи правилото дека остатокот треба да е покриен. Надоврзано на ова уште еден интересен спој е на дебелите зимски џемпери со здолништето во А-крој. Ќе се чувствувате облечени по последниот моден крик, а ќе уживате и во комфорот.

 

Спој со предимензионирани блузи и пуловери

Формата на здолништата во А-линија во пределот кај половината најчесто е конструирана со висок струк, а завршува со должина нешто погоре над колената. Токму таквата форма дозволува да се комбинираат и актуелните предимензионирани блузи, палта и пуловери. Структурата на вашиот визуелен изглед ќе ја создадете со примената на овие модели кои пред се ги носат индивидуи со изграден стилски став.

 

Изборот на обувките го оставивме за крај, бидејќи кратките здолништа во А-крој дозволуваат да ја разбранувате вашата креативност, но и да се потпрете на потребите кои ви ги поставуваат обврските на денот. Слободно комбинирајте салонки, чизми над колена, кратки до глужд, па дури и патики. Пробајте!

 

Објавено:
17 октомври 2014
Категорија: 
Направи сам