Како да се облечете како вистинска Њујорчанка?

6 ноември 2014

Не се сите фанови на францускиот шик. За некои токму минимализмот и софистицираноста во изгледот на Французинките е предизвик, но за други, токму суптилните варијации и миксовите на трендовите кои може да се сретнат низ улиците на Големото јаболко, се пример за уникатен изглед. Тука не станува збор за стилот на фиктивните ликови од „Сексот и градот“, туку за реални жени кои освојуваат со својата ноншалантност, промовирајќи го сопствениот став.

Во продолжение, следете ги четирите чекори кои ќе ви помогнат во креирање на ултра модерен изглед на Њујорчанка.

1. Носете облека во која се чувствувате удобно

Секоја девојка која живее во Њујорк преферира да носи парчиња кои се пред се комфорни за да може да ги извршуваат секојдневните обврски. Ова особено се однесува на оние девојки чија професија бара постојано менување на локации. За да се издржи напорното темпо, заборавете на тесните парчиња, туку одберете минимализам со строг крој. Исто така, задолжително во својот гардеробер треба да поседувате предимензионален џемпер, тесни фармерки, бела маица и патики. Интересно е да се знае дека Њујорчанки често купуваат машки парчиња, односно кошули, џемпери и маици кои ја пружаат потребната удобност.

2. Држете се до црната боја

Ова е една од заедничките црти на американскиот и францускиот стил и едно од главните правила во модата – кога не знаете што да облечете, изберете комбинација во црна боја. Оваа боја е совршена доколку сакате да се чувствувате самоуверено и моќно. Играјте со текстурите и кројот. Покрај црната боја, девојките од метрополата обожаваат да носат нијанси на сиво и беж.

3. Играјте со пропорциите

Додека Французинките сакаат класичен крој, Њујорчанки сакаат предимензионални парчиња, односно обожаваат да експериментираат со кројот. Во голем дел од изгледот, клучна е и асиметријата. Па така, доколку носат панталони или здолниште со необичен крој, горниот дел е секогаш едноставен и обратно.

4. Спој на дневни и вечерни аутфити

Њујорчанки немаат време за пресоблекување, па најчесто одбираат аутфити кои ќе им одговараат за на работа, па подоцна за коктел забава или вечера со пријателите. Тие одбираат стилски парчиња кои подоцна добиваат поинаква ефектност, токму преку дополнување со избор на модни додатоци. Наш предлог е со вас секогаш да носите впечатлив накит, кој ќе направи да изгледате гламурозно и уникатно во секој поглед.

Објавено:
6 ноември 2014
Категорија: 
Направи сам