Како се создаваат култните марами „Ермес“

16 јули 2013

Првата „Ермерс“ марама е произведена во 1937 година по повод стогодишниот јубилеј на фирмата која до тогаш била насочена само кон изработка на кожна галантерија, а потоа овој моден додаток, кој претставува симбол на луксуз и гламур е изработен во 1500 различни примероци. Овие марами ги носеле бројни припаднички на светската модна елита, вклучувајќи ги тука и челниците на кралските семејства.

 

 

Модното студио и покрај тоа што брои и до 50 дизајнери, сепак времето потребно за да се изработи една вакво ремек дело не може да го намали на помалку од две години. Точно две години за целиот процес од идеја, концепт, па се до готов производ.

Она што ги прави посебни овие марами е тоа што секоја има своја уникатна приказна, а носи индивидуален и своерачен потпис на главниот дизајнер. За изработка на само еден примерок се користат повеќе од 30 различни бои, одлука за која дизајнерите понекогаш и со денови разговараат за тоа која нијанса е најсоодветна за употреба,  а прават избор од палета која содржи и над 50 000 бои кои ги користи исклучиво „Ермес“.

 

 

Суровата свила за изработка на марами се набавува од Бразил, и се транспортира до фабриката Перино во Франција, која има традиција од половина век за ткаење на свила за „Ермес“.

 

 

Брендот „Ермес“, измислил и оригинален начин за ткаење на свила и ткаенини, познат како „каре“, кој до ден денес важи за норма во индустрискиот квалитет. Стандардна марама содржи 65 грама свила, на која се вметнати 250 свилени конци и има површина од 90 квадратни сантиметри.

 

 

Свилата потоа се шири на загреана маса со должина од 150 метри и се штампа со таканаречена „лионска“ постапка. Секоја боја се втиснува со посебен калап и се фиксира со лепак, за да на крајот сите заедно под дејство на висока температура се залепат на ткаенината и како последен чекор се отстранува лепакот. Последната фаза на изработка е порабувањето, процес кој се обавува рачно за секоја марама и трае околу 40 минути. На крај готовиот производ се пакува во карактеристични портокалови кутии, кои се врзани во вид на подарок со трака во беж боја.

 

 

„Ермес“ на овој начин може да произведе околу 40 000 марами неделно, а секоја година промовира по две нови колекции, со околу 10 различни дезена, од кои четири до шест се класични, но со модерен призвук на бои, нијанси и шари. Моментално, цената на овие марами изнесува 410 долари, додека половните модели може да се добијат и по цена од 150 до 260 долари и се мошне барани помеѓу колекционерите, од кои некои имаат и над стотина модели од овие преубави уникатни свилени дизајни.

 

 

 

 

 

 

Објавено:
16 јули 2013
Категорија: 
Направи сам