Мал црн фустан = милиони безвременски комбинации

27 ноември 2014

Во неколку наврати низ нашите креативни содржини сме пишувале за магичната моќ и елегантниот гламур со кој зрачи малиот црн фустан. Не постои дама која во својот плакар нема барем еден ваков модел на фустан кој никогаш не излегува од мода. Виновничката за неговото пронаоѓање е култната модна дизајнерка на сите времиња Габриел Коко Шанел која во 1926 година вметна ново поглавје во модната индустрија.

Со текот на годините, малиот црн фустан од 1926 година до денес постојано се трансформираше во однос на кројот, дизајнот, текстурата, користењето на материјали. Во повеќето случаи, насоката и инспирацијата на дизајнерите не е само од малиот црн фустан на Коко Шанел, туку и моделот кој модната икона Одри Хепберн го носеше во легендарниот филм „Појадок кај Тифани“, а го потпиша Живанши.

Модната историја сведочи за многу вакви примери на дизајнери кои дадоа своја револуционерна интерпретација за изгледот на безвременскиот мал црн фустан. Ова модно парче стана предизвик за секој дизајнер кој при неговото креирање мора да внимава на три основни правила: мултифункционалност, минимализам и едноставност.

Во пресрет на божиќните празници, доколку не сакате многу да се заморувате со тоа што ќе облечете, наш совет е да го побарате во вашиот плакар малиот црн фустан и да го освежите. Без разлика дали тој припаѓал на вашата баба, мајка или тетка, дали е со должина до над или под колена, дали е на кратки, три – четврт или долги ракави, ние имаме неколку совети како со помош на накит, модни додатоци и чевли да создадете изглед на „million dollar baby“.

Доколку сакате да го вратите шармот на 1960 – тите години тогаш црниот фустан комбинирајте го со турбан украсен со ситни светки и впечатливи блескави обетки со масивни камења. Ако сте вљубеничка на вечерните клупски забави тогаш мала поштарска чантичка со многу светки и едноставни обетки со сребрен сјај ќе бидат доволни за да го привлечете вниманието на момците. Со оглед на фактот дека црниот фустан е едноставен, треба да имате во предвид дека кога го комбинирате со додатоци дозволено ви е да одберете блескави, светкави, масивни и впечатливи чанти, чевли и накит. Покрај сигурните стандардни спојки на малиот црн фустан со сребрените и златните тонови, треба да знаете дека црната боја одлично соодветствува со црвени детали, како што е на пример црвеното кадифено венче со црн превез преку очите. За да бидете вистинска кралица, диско дива, кабаре девојка, мистериозна дама секаде каде што ќе се појавите ви треба само едно нешто – мал црн фустан и блескави модни додатоци. Погледнете уште неколку фотографии кои ќе ви откријат интересни креативни идеи како на уникатен начин да го комбинирате ова безвременско модно парче.

Објавено:
27 ноември 2014
Категорија: 
Направи сам