Мода во лето: Најчести грешки кои ги правиме

24 јуни 2021

Го сакаме летото, но кога ќе настапат високи температури, не секогаш е лесно да се одберат вистинските парчиња, затоа што ви изгледа дека што и да облечете нема да биде доволно лесно за жешкото време.

Во продолжение ве потсетуваме на најчестите грешки кои ги правиме во вакви ситуации:

-Лош избор на материјал

Синтетиката не е ваш добар пријател било кога, но посебно во ултра жешки денови. Да, цените за парчиња од полиестер, полиамид или полиакрил се далеку поповолни отколку оние да речеме од свила или лен, но и далеку повеќе предизвикуваат потење. Летната облеката треба да биде лесна и пријатна. Памук, свила, лен и шифон се најдобри пријатели на високи температури.

-Лош избор на долна облека

Често летната облека е и транспарентна. А тоа е само причина повеќе да внимаваме каква долна облека носиме. Премногу тесните градници или гаќички можат да предизвикаат влабнатини кои не се баш фини за око, а и нема да се чувствувате убаво. Внимавајте секако и на материјалот од кој се изработени, кои и на бојата. И ако треба да бираме најнепривлечен избор на долна облека за лето, тоа би била онаа во црна боја.

-Чуден избор на бои

Летото е супер за комбинација на бои, но ако умеете вистински да ги искомбинирате. Генералното правило е да се комбинираат до три различни бои. Но, сега постојат и далеку похрабри еклектични парчиња, кои доколку умеете да ги носите се супер забавни и привлечни. Но, за оние кои не се толку вешти, држете се до трикот ист тон на бои. На пример, можете да комбинирате темносина со тиркизна и пастелносина, ќе добиете супер хармоничен изглед. И уште еден совет: Белата е секогаш добредојден избор во сите комбинации со бои, па кога не сте сигурни со која да ги комбинирате, секогаш можете на белата да се потпрете.

-Премногу модни додатоци

Очилата за сонце се едни од задолжителните. Потоа и шеширите се едни кои доаѓаат во топ три модни додатоци. А потоа ќе си речете, можам да ставам малку накит, а потоа ќе се потсетите дека треба да земете несесер и паричник, па и марамата ви изгледа привлечно, а секако тука е изборот на чевли, обувки... И од една навидум едноставна комбинација, може да изгледате како закачалка. Ако носите еднобојни комбинации, играјте си со модните додатоци повеќе. Ако носите шарено, тогаш бидете внимателни и усогласете ги тоновите. 

-Погрешна големина на облека

Летните попусти и распродажби се примамливи и во лето, но не купувајте по секоја цена. Можеби си најдовте шорц што многу ви се допаѓа, но е за еден број помал од она што реално го носите. И иако мислите дека лето трпи се и дека можеби ќе успеете да намалите малку на обем, сепак не трошете ги парите на погрешни парчиња. Подобро додајте уште некој денар и купете фино парче во соодветна големина, отколку да носите нешто што на вас изгледа како позајмено.

 

 

Објавено:
24 јуни 2021
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
3.444 пати