Направи сам: Магнетна рамка за шминка

9 мај 2014

Голем дел од жените имаат проблем со организацијата на своите козметички производи. Меѓутоа, секогаш постојат практични решенија за средување на „хаосот“, а ова е едно од најоригиналните со кои сме се сретнале до сега.

Стилистите и експертите за шминка беа едногласни во своите изјави дека ова можеби е најсоодветниот изум кој што не само што ќе стави ред во креативниот хаос од шминки, туку и ќе им заштеди драгоцени време на дамите кои што се во постојана трка со динамиката на секојдневието.

Станува збор за магнетна табла која може да се користи и како закачалка на ѕид или како рамка која што ќе поставите на вашата масичка за шминкање. Овој инвентивен и корисен изум можете сами да си го направите во домашни услови. Се што ви треба е : Врамена табла, на која ќе прицврстите магнетен метален лим, лепило, ножици, убава ткаенина, тапети или самолеплива хартија, силиконски пиштол, мали магнетчиња, малку време, многу љубов и креативна фантазија.

Пред да почнете со изработка и спојување на претходно наведените елементи морате добро да ги измерите димензиите на рамката, во неа да ја вметнете магнетната табла, која што претходно сте ја украсиле со парче материјал, тапет или самолеплива хартија со некој интересен дезен. Потоа на вашите шминки со силикон на задната страна залепете ги магнетите, почекајте пола час за сето тоа убаво да се исуши и стегне и почнете да ги „лепите“ вашите сенки, кармини, ружови, лакови и четки на магнетната рамка. Искористете ја магнетната табла за различни варијанти во вашиот дом што секако ќе внесе повеќе ред, но и ќе внесе нова свежина во внатрешниот декор на вашите омилени предмети.

 

Објавено:
9 мај 2014
Категорија: 
Направи сам