Направи сам: Празнично сапунче

20 ноември 2020

Доколку сте од оние што ѝ се радуваат на празничната атмосфера, можеби веќе разгледувате и размислувате што да им подарите на своите најмили.

Ако сакате подарок што лично ќе го направите, тогаш веруваме дека нашиот предлог би можел да ви се допадне - празнично сапунче.

На странските онлајн продавници можете да најдете широка палета на готови и спакувани сапунчиња, кои можете да ги купите.

Втората опција е да купите некое што ќе ви го привлече вниманието, а потоа да го украсите и спакувате на ваш начин, што може да вклучува панделки, конец од јута, новогодишни лижавчиња и слично.

Третата опција е да го направите сами.

Ние наидовме на девојка која ги изработува сами и ги украсува така што цртежот го изработува со водени боици на хартија растворлива во вода. Сапунот го става во калап а потоа го аплицира цртежот и ги украсува.

Ние најдовме два интересни рецепти за создавање сапунчиња во домашни услови, кои можеби ќе ви бидат добредојдени и ќе ве инспирираат:

Сапун со портокал

Потребно:

-тенџере со подебело дно, дрвена или силиконска спатула, силиконски калап (или еден голем за торта или други помали, во некоја форма)

-2 големи бебешки сапуни, есенцијално масло од ванила или кокос, изрендана кора од портокал, исечкана кора од портокал, претходно исушена, афиново семе.

Подготовка:

-Двата големи бебешки сапуни изрендајте ги. Потоа ставете ги во тенџерето и топете ги на средна температура.

-Кога ќе се стопи, додадете го маслото од кокос и константно мешајте. На крај додадете ги наренданата кора од портокал, лушпите од портокал и афионовото семе.

-Додека е топол, истурете го сапунот во силиконскиот калап. Оставете да се исуши (неколку дена до една недела).

-Ако користите голем калап, исечкајте го сапунот на помали парчиња со рачна пиличка или со долг нож за филети.

-Направените сапунчиња складирајте ги во транспарентна фолија и чувајте ги на суво и ладно место. 

 

Сапун со глицерин

Потребно: 500 грама глицерин (цврст или течен), етерични масла по желба

Подготовка:

-Ако сте купиле цврст глицерин, тогаш исечете го на коцки и ставете во сад и во микробранова за да се стопи (или на тивок оган). Ако пак, имате течен, тогаш ставете две чаши од 200мл  во садот, а потоа исто така на оган (микробранова).

-Глицеринот се топи 40 секунди на највисоката температура. Потоа, тргнете го од оган (или микробранова), промешајте го, а потоа вратете го уште 10 секунди.

-Кога ќе се стопи и изедначи, додадете етерични масла по желба, делови од растенија или што и да посакате - боја, афион, цветови... Откако ќе ги измешате сите состојки, оставете ги да отстојат, за да се кренат меурчињата собрани во сапунот. Кога ќе се направи тоа, смесата испрскајте ја со алкохол кој ќе ги уништи меурчињата. 

-Готовата смеса ставете ја во калапи и оставете добро да се излади.Тоа можете да го направите ако го оставите надвор или пак, во ладилник.

-Спакувајте го по желба.

 

Сапун од остатоци

Не фрлајте ги малите парчиња сапун. Соберете ги, а потоа ставете ги во посакуваниот калап, кој ќе го ставите во микробранова, 40-60 секунди максимум. Потоа, извадете го, оставете да се излади, а потоа извадете го од калупот, спакувајте и ќе имате уникатен шарен сапун за подарок.

А во продолжение уште неколку идеи:

 

Објавено:
20 ноември 2020
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
227 пати