Парчиња облека во кои секогаш ќе изгледаме добро на фотографија

6 мај 2021

Понекогаш, кога го носиме омиленото парче облека мислиме дека истото ќе направи да изгледаме добро и во живо и на фотографија.

Но, за жал, не секогаш е така.

Собравме искуства од фотографи, модели и блогери, кои открија во која облека секогаш можеме да изгледаме добро на фотографија.

Ролка

Оверсајзд џемперите оставете ги за некои други пригоди, за фотографирање облечете ролка од не премногу дебел материјал, за да избегнете да ви се појави „вишок“ на фигурата, што знае да се појави при носење на дебели ткаенини. Можете да додадете ѓердан или обетки, а со ролката можете да одберете и повпечатлив долен дел.

Панталони со широки ногавици

-За да добиете складна фигура, ќе ви помогнат панталони со широки ногавици. Заборавете на тесните фармерки ако сакате да имате одличен изглед на фотографија. Широките панталони ќе ги намалат колковите, а исто така ќе ви помогнат да создадете визуелно долги и повитки нозе. Можете да ги носите со ролка, или пак кошула, маица...и на тој начин вашата силуета ќе изгледа пропорционално.

Миди здолниште

Ова е еден од најактуелните трендови веќе неколку сезони и иако можеби не ви изгледа така, миди здолништата се едно од парчињата што им прилегаат на сите - и оние што се пониски и на високите дами, но и на слабички и оние со некој килограм повеќе. Супер избор е за повеќе пригоди, а со модел кој благо се шири надоле не можете да згрешите. 

Беж обувки

Ако обрнете внимание ќе забележите дека голем број од познатите жени носат беж чевли, посебно на јавни појавувања. Една од причините е што тие визуелно ќе ве направат повисоки, а воедно се и (најчесто) сигурен избор што и да имате на себе.

Струкиран блејзер

Блејзерот е класично парче, а ако воедно имате некој што убаво ќе ја нагласи фигурата, тогаш го имате вистинскиот за вас. Добро струкирани раменици и грб, визуелно ќе го истакнат вашето тело, ќе ѝ дадат виткост на вашата фигура. Блејзер со строг крој може да биде парчето кое фантастично ќе го усогласите со макси фустан или здолниште и кошула. Тој ќе ги сокрие вашите несовршености и ќе направи да изгледате одлично!

Бела кошула со јака

Уште едно класично модно парче кое според нас на сите им стои одлично! За да не изгледате премногу строго, откопчајте го првото или првите две копчиња. Кројот изберете го според својата градба, а во бела кошула секогаш ќе изгледате свежо, чисто и привлечно. И во живо и на фотографија.

 

Објавено:
6 мај 2021
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
7.237 пати