Познатите ве охрабруваат какви парчиња да си дозволите по 40-та

18 јануари 2014

40 е само број, вели стилистката на американската актерка Хилари Свонк, Тања Гил. Свонк во месец  јули годинава ќе полни 40 години, но тие не претставуваат никаков проблем за таа да изгледа дури и помладо.

 

Се разбира, негата е најважна за една жена, но и изгледот  кој не мора секогаш да биде строг и прецизиран. Според стилистката Гил, жените кога доаѓаат на возраст од 40 години ја губат храброста и се однесуваат конзервативно кон гардеробата.  Викторија Бекам, Кејт Мос, Ејми Адамс, Ева Мендес, Хали Бери се само некои од славните дами што вешто ги применуваат советите на стилистите, а опкружувањето секогаш позитивно реагира на нивниот имиџ. Тања Гил ве советува дека секогаш треба да избирате парчиња според конституцијата на телото и никогаш да не ја запоставите вашата фризура. Нејзините конкретни совети гласат вака:

Не плашете се да го откриете најдоброто од атрибутите

Секоја жена што наполнила 40 години веќе треба да знае што и прилега, а што не. Гил вели да станете свесни за најдобрите атрибути на вас. Ако тоа се нозете, не плашете се да ги откриете или да облечете цигара панталони, тие не се само за слаби и помлади девојки. Ако соодветно ги комбинирате и покриете или откриете она што треба, вие ќе изгледате модерно но и помладо.

Пробајте да носите свежи бои

Жените по 40-та најчесто се одлучуваат да носат темни бои. Ева Мендес нека ви биде пример дека ведрите бои надополнети со интересни аксесоари може да ве подмладат.

Бирајте квалитет

Природните материјали се вистинските за вас. Не се лажете да купувате евтина облека од синтетички материјали. Трајноста на ваквата облека е многу мала, ќе се чувствувате непријатно во неа, а со тоа автоматски и самодовербата губи на интензитет. На таа возраст вие веќе треба да бидете стилски изградена дама што знае што треба да си дозволи, а што не. Подобро штедете за квалитет, отколку да платите поевтино за парче гардероба што ќе ве претставува во лошо светло.

Не ги игнорирајте трендовите

Се уште важи правилото да не се следат слепо, но секогаш во бутиците можете да си најдете некое ново тренди парче што ќе го збогати вашиот плакар и ќе ви овозможи уште неколку комбинации од она што веќе го поседувате. Направете анализа што имате, а што не и тргнете во храбар шопинг и дишете со полни гради самодоверба и младешки дух.

 

 

 

Објавено:
18 јануари 2014
Категорија: 
Направи сам