2015 е година на Бенедикт Камбербач

5 февруари 2015

Британскиот актер Бенедикт Камбербач е блиску до својот прв Оскар. Оваа година, тој е номиниран во категоријата за најдобар актер, за главната улога во филмот Imitation Game.

Публиката досега најмногу го познаваше преку серијата „Шерлок“, модерна адаптација на романот на Артур Конан Дојл, како и по филмот„Хобит“.

Камбербач е роден на 19.јули 1976 година во Лондон. Неговите родители исто така се актери – Тимоти Карлтон и Ванда Вентам. Неговиот прадедо Хенри Арнолд Камбербач бил генерален конзул на кралицата Викторија во Турција, а дедото, Хенри Карлтон Камбербач командант на подморницата во двете светски војни и угледна личност на лондонското високо друштво.

Иако, директно не потекнува од аристократско семејство, многумина го доживуваат токму така, за што веројатно сепак мало влијание имаат и овие корени.

До осмата година се образува по интернати, а потоа учи во Хароу, каде се среќава со драмската уметност и учествува во голем број адаптации на Шекспировите дела. Првата улога ја добива на 12 години во претставата „Сон на летната ноќ“, а професорот по драма, Мартин Тајрел го опишува како: „најдобар актер на училишна возраст, со кого некогаш сум соработувал“. Во текот на школувањето се занимава и со сликарство, а е и член на рагби тимот. По дипломирањето, волонтира како професор по англиски јазик во еден тибетантски  манастир во Индија. На Универзитетот во Манчестер студира драма, а после тоа продолжува со обуката на Академијата за музика и драма во Лондон.

Сета оваа надоградба му носи успех. Неговата работна биографија вклучува театарски ангажмани, филмски улоги, улоги во телевизиски серии, работа на радио...

Покрај „Шерлок“, Камбербач го толкува ликот на Стивен Хокинг во тв-филмот „Хокинг“, во продукција на Би-Би-Си, што е мошне интересно, имајќи предвид дека еден од главните конкуренти за Оскар му е Еди Редмејн што исто така го толкува ликот на Хокинг во филмот The Theory of Everything.

Првата поголема филмска улога Бенедикт ја добива во филмот Amazing Grace, по што следат и учествата во филмовите  Atonement, Tinker Tailor Soldier Spy, War Horse, Star Trek Into Darkness, 12 Years a Slave, кои оставаат голема трага во неговото актерско творештво.  Кога е филмскиот хит „Хобит“ во прашање, Камбербач го позајмува гласот и движењата на Шмауг и Некромансер во сите три дела.

poster

Главната улога во Imitation Game, толкувањето на ликот на легендарниот инженер и криптограф Алан Тјуринг, му носи вкупно девет номинации од различни здруженија, а една е од Академијата за филмска уметност и наука.

Актерот во едно од многуте интервјуа изјави дека во разбирањето и разработката на ликот многу му помогнало и семејството на Тјуринг.

-Внуците на Тјуринг многу ми помогнаа со своите искрени и детални спомени на овој чудесен човек. Семејството на него се сеќава како на човек кој правел тие да се чувствуваат важно и возрасни. Многу дознав за него од само еден дел: дека неговто пелтечење не го расипувало разговорот со семејството, затоа што со него било лесно да се комуницира, а тоа особено се однесувало на децата. Мислам дека толку ги сакаше децата и нивната невиност, затоа што светот и премногу се обидуваше да го расипе – изјави актерот.

Инаку, Тјуринг е човекот што ѝ помогна на Британија да ја добие војната, но поради фактот дека е хомосексуалец, државата му вратила на начин што го осудила на хемиска кастрација. Како вели и самиот актер, Британија го уништила животот на нејзиниот спасител.

Но, Бенедикт е често зборувано име и во модниот свет. Минатата година се појави речиси во сите листи за најдобро облечени мажи. Може да се види и во друштво на Ана Винтур. Неговите модни комбинации најчесто се состојат од одела, кои мора да се признае дека одлично му стојат.

Во продолжение ви прикажуваме  дел од неговите модни избори, како и видео каде што може да се види еден дел од неговиот талент, а доколку сè уште не сте го погледнеле Imitation Game, нека биде на вашата листа на филмови што треба да ги погледнете.

f6e558dc1e6fe883178ef11e77ba4eda

Објавено:
5 февруари 2015
Категорија: 
Портфолио