Ајла Хаџија: Преку моите креации покажувам емоции - и револт и задоволство

12 јуни 2020

Циклусот интервјуа со идните модни дизајнери од трета година од катедрата за Моден дизајн на Факултетот за Арт и дизајн при ЕУРМ, го продолжуваме со разговор со амбициозната и талентирана студентка Ајла Хаџија. Под менторство на проф.д-р Јана Манева Чупоска и асистентката Искра Младеновска, во рамките на предметот „Колекција 2", вклучувајќи ги сите процеси од идеја до финална целина, Ајла имаше за задача да креира своја колекција на зададена тема. Инспирирана од актуелната пандемија, таа целата негативна енергија успеа да ја преточи во ангажиран креативен израз. Повеќе дознавате од разговорот во продолжение.

Како изгледа процес на креирање колекција по наставен програм во време на ограничени, вонредни услови?

-Во овие вонредни услови иако сме лишени од секојдневието кое досега ги имавме, добрата страна е дека имаме повеќе слободно време да се посветиме на себеси и да се надоградиме на најдобар можен начин. Самите услови не дозволуваа надворешните фактори да имаат големо влијание врз мене, па поради тоа целата концентрација ја спроведував кон создавање на креативна колекција.

Што беше провокација која ја иницираше твојата колекција? Која е темата?

-Во најголем дел инспирацијата најпрвин ја барам во работите кои ме опкружуваат, со цел да ги отсликам преку моите креации, да покажам револт или задоволство од истите. Целата оваа налик ''апокалиптичка'' ситуација ме наведе да ја изберам токму апокалипсата за тема на колекцијата, со цел сета негатива од оваа пандемија да ја преточам во креативен израз.

Кои се носечки карактеристики на колекцијата? Какви техники, материјали и опции се користени во нејзиниот концепт? По што е посебна?

-Колекцијата е прилагодена за есен/зима 2020/21 година, составена од 35 модели од кои 3 се во процес на реализација. Во најголем дел се работи за асиметрични модели кои преку сечењата и искористените бои ги доловуваат денот и ноќта, смиреност и вознемиреност, доброто и злото, големиот катастрофален пожар кој се предвидува во апокалитичката литература. Дизајнот на текстил допринесува моделите да добијат ефект на извлекување од апокалиптична ситуација, спасување, преродба.

Колку твоите професори/ментори асистираа во реализацијата на идејата?

-Иако физичкото присуство на професорот е од големо значење за сите нас, во целиот процес на креирање на колекцијата во домашни услови присуството и онлајн комуникацијата на мојот ментор Јана Манева Чупоска и асистентката Искра Младеновска беа од големо значење. Тоа придонесе да не го почуствуваме нивното физичко отсуство.

Ако се земе в предвид фактот дека актуелната ситуација ги менува условите во модната индустрија, впрочем како и во секој сектор, како според твоите видувања ќе изгледа иднината на модата? На што ќе биде фокусирано вниманието и како ќе ја консумираме модата?

-Светската индустрија доживува огромна криза, неминовни ќе бидат промените во модната сцена како и во сите други сфери во општеството. Сметам дека оваа пандемија ќе придонесе во иднина модните дизајнери да се осврнат повеќе кон квалитетот отколку кон квантитетот, всушност тоа ќе биде барано од нив. Со оглед на тоа дека модната индустрија е втор по големина загадувач во светот, иновациите во дизајните на креациите и текстилните материјали, користењето на природни материјали, биоразградливи и рециклирачи материјали, бактериски текстилни бои итн., ќе бидат ставени во прв план.

А каде ти лично ја гледаш својата професионална иднина?

-Пред се најбитно ми е да се изградам себеси како квалитетен дизајнер од скица до реализација на моите идеји кои ќе понудат квалитет и квантитет, а последователно на тоа би сакала да создадам свој бренд.

Објавено:
12 јуни 2020
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
2.108 пати