Болката, уметноста и иронијата на Фрида Кало – мотивација за колекцијата на Блерта Османи

9 јуни 2020

Младата студентка на моден дизајн, Блерта Османи, дебитираше на 21. издание на Моден Викенд Скопје што пак го имаше своето деби во дигитален формат.

Колекцијата со која ѝ се претстави на домашната публика ги носи темпераментните вибрации на ликот и делото на мексиканската уметница Фрида Кало, што е отелотворено преку шарениот колорит и слоевитост од приказни, текстури и ткаенини. Целата идеја, концепт и реализација на колекцијата, ќе ви ја предизвика љубопитноста и потребата да ја запознаете Блерта за низ разговор да ви ја отслика својата перцепција, но и визија од аспект на млад моден дизајнер.

За сите детали околу колекцијата, но и за нејзините ставови во контекст на актуелни теми и прашања што ја вклучуваат модната сфера, читате во продолжение.

Блерта, за прв пат имавте искуство со Моден викенд Скопје и заедно со Вашето деби на оваа платформа искусивте и една сосема нова форма на дигитална презентација. Какви се Вашите впечатоци?

-Отсекогаш имав голема желба да учествувам на Моден Викенд Скопје, само го чекав вистинскиот момент за да се претставам со своја колекција на модната писта. Кога заради пандемијата се одложи, мора да признаам дека по малку изгубив надеж дека тоа ќе се оствари. Меѓутоа, набрзо добив радосна вест дека дваесет и првото издание сепак ќе се одржи. Иако периодот бевме соочени со многубројни предизвици, имајќи ги предвид условите кои ги наметна актуелната ситуација, настанот беше реализиран сосема поразлично од минатите години и навистина изгледаше одлично. Целата презентација ги надмина моите првични очекувања и вроди со огромен успех. ПР-от на МВСК, Милан Атанасов, донесе свежина со неговата оригинална идеја за дигитално издание, пак ќе повторам, со оглед на околностите во кои се наоѓавме. Мојот сон да бидам за првпат учесничка и дел од Моден Викенд Скопје е конечно остварен, благодарение и на продуцентката Света Богова Јовановска, односно Кристијан Шемко и Марина Трајковска, кои ги изработија видеата во партнерство со Скопје Сити Мол. Имавме одлична комуникација и со моделите и целата креативна екипа. Среќна сум за новите познанства и драго ми е што имаше позитивна енергија за време на подготовките, така што отворена сум за повторна соработка со Моден Викенд Скопје.

„Vibrant Muse" е колекцијата со која се претставивте и за која инспирација побаравте во колоритниот и слоевит живот на Фрида Кало. Што беше најпровокативно во нејзиниот лик и дело, за токму неа да ја поставите како централна фигура во колекцијата?

-Откога почнав да истражувам за историјата на уметноста, особено уметничките движења кои се појавиле во периодот на втората декада од минатиот век, посебно внимание ми привлече истакнатата надреалистична сликарка Фрида Кало. Ме фасцинираше животот на уметницата, кој е налик на мексиканска сапуница. Кога ќе навлезете подлабоко во биографијата на Фрида Кало, некако се потопувате во историјата на оваа жена, шарена, полна со болка, страст за уметност, иронија и хумор. Историја за една жена која ги скршила правилата во тоа време како претходник на феминистичката уметност. Таа е една од првите жени која ја користела модата за да емитува феминистичка порака на независноста, работата и еднаквоста. Потоа нејзиниот изглед, ткаењето на косата и цвеќињата на главата, истакнувањето на црвениот кармин и веѓите, фустанот „ТЕХУАНА", поточно облеката што ѝ овозможила да ги затскрие телото и десната нога. Нејзините дела неретко се класифицирани како надреалистични, токму заради интимноста, живописните бои, болката и непоколебливиот живот. Уметноста на Фрида Кало е панделка околу една бомба.

Што ја прави оваа колекција посебна? Се соочивте ли со предизвици додека ја создававте, со оглед на вонредните околности и ограничувања?

-Посебноста на колекцијата се огледува во везовите, кои автентично и уникатно ги отсликуваат воодушевувачките автопортрети на Кало, потоа цветните дезени, украсите од чипка, карнерите и се разбира палетата на бои карактеристични за мексиканската култура. Колекцијата беше речиси готова и пред да започне вонредната состојба. Со исклучок на некои дополнителни детали, ја изработив без пречки, наспроти вонредните околности кои се наметнаа подоцна.

Вие сè уште сте студент на Моден дизајн, но со оглед на тоа што веќе имате две колекции, практично искусивте присуство на домашната модна сцена. Па, каква според Вас е моменталната атмосфера, гледате ли некој посебен предизвик?

-Мноштво дизајнери кои сакаат да изградат свои сопствени брендови, денеска се соочуваат со многу предизвици, како лични, така и од различни надворешни пречки. Како еден од најголемите би ја издвоила недоволната финанскиска поткрепа на талентот. Луѓето со неверојатни идеи негодуваат, затоа што не се во можност да пристапат до потребните фондови за да влезат на пазарот. Модата е бизнис каде ви требаат финансиски средства буквално на секој чекор, за да се направи квалитетен дизајн, да се пазари, да се промовира. Понатаму, недостатокот на квалитетен материјал, соодветен за еден модел, односно наоѓањето на најдоброто од материјалот, со цел да се направи одличен производ. Додека ја најде точната ткаенина или точното копче, дизајнерот треба да направи исцрпно истражување, за да може да го надополни или да го направи еден дизајн или производ совршен. Воочлив е и недостигот на бизнис вештини, бидејќи професионалните училишта и модните академии не ги учат основите за водење бизнис. Активности како што се извори, трошоци, квалитетни понуди од продавачи и добавувачи и други важни деловни аспекти не се изучуваат воопшто. Не сите дизајнери знаат како да ја предвидат побарувачката за своите производи и да одржуваат постојан приход од продажба. За да им го понудат најдоброто на клиентите, новите дизајнери треба да имаат темелна студија за трендовите, вкусот и барањата на купувачите. Да можат да ги идентификуваат своите потенцијални клиенти и развијат стратегии како да ги мотивираат и привлечат клиентите кон купување. Многу лесно е да се најдат клиенти, но вистинскиот предизвик лежи во задржувањето на истите, а ова се постигнува со понудување на добри и квалитетни продукти.


Постои ли естетика во која се пронаоѓате и би ја дефинирале како својствена за Вас?

-Постои естетика во која се пронаоѓам. Во моментот тоа е минималистичкиот стил со одредена француска нота. Меѓутоа, не значи дека така ќе остане и во иднина, промените може да бидат огромни. Се зависи од инспирацијата. Сега за сега, моите креации се фокусирани на секојдневната облека, со некои исклучоци.

Колку Вашиот личен стил се пресликува во дизајните што ги работите? Постои ли некаква нишка што ги поврзува Вашиот имиџ како индивидуа и Вашот израз како дизајнер или се целосно независни?

-Донекаде се пресликува, но доколку се ограничев исклучиво на мојот личен стил, тогаш би била ограничена и во дизајнот, кога е долг временски период во прашање. Мојот дизајн се темели на минимализмот, софистицираноста, елегантноста, квалитетот и уникатноста, опфаќајќи поширок спектар на идеи и стил кадешто припаѓам и јас. Сепак, целта на мојот дизајн е да биде поприлагоден на другите луѓе одошто на мене, во зависност од светските трендови.


Пандемијата остава трага во секоја сфера од живото, вклучително и во модната индустрија. Трансформациите се драстични и сè уште не се јасно дефинирани. Според Вас, како изгледа модниот свет во блиска иднина? Кој ќе биде главниот фокус на модните дизајнери?

-Светот поминал низ многу слични предизвици во последните 100 години. Секоја пандемија зад себе остава траги буквално во секоја сфера од животот. Но, и покрај тоа, модата никогаш не престанала да биде жариште за иновации. Велам иновации, бидејќи тоа е една цела еволуција, од изумот на машината за шиење до растот на е-трговијата. Како технологија, модата е напредна и циклична. Откога се прогласи пандемијата, цело време гледам и читам познати модни консултати кои говорат и пишуваат што ќе се случува после пандемијата. Мислењата се различни, колку време ќе трае и дали е возможно да се вратиме на „нормалното" темпо на живеење. Една од најважните тези во областа на модата е дека навиките за купување ќе се променат. Со помал буџет на располагање, ќе расте свеста за парчињата кои ќе се купуваат. Луксузните и квалитетните артикли, како парчиња со голема вредност, во иднина ќе имаат опција за препродажба. Онлајн пазарувањето ќе стане тренд, но и навика. Се предвидува и дека веќе нема да има потреба од класични ''runway shows'', бидејќи модните шоуа ќе се претставуваат во виртуелна форма, па модните недели ќе бидат во се помал број. Сезонските трендови ќе продолжат да исчезнуваат, а дизајнерите повеќе ќе се фокусираат на класичните парчиња, коишто може да се носат преку целата година и да останат подолго во полиците на продавниците. Она што сметам дека е најважно и од огромно значење да се потенцира е да станеме оддржливи, да помагаме во спречување на проблемот со модниот отпад, да создаваме кампањи за подигање на свеста за заштита на животната средина и животните, како и да го ставиме фокусот на дизајнирање и носење рециклирана облека. Иако крупните модни дејци имаат свои тези, моето мислење, а впрочем и желба, сепак е повторно да се оддржуваат настани во живо со голем број на учесници и посетители, се со цел за подобар, пореален и пообјективен резултат од настанот.

А каква е иднината за еден млад моден дизајнер на домашната модна сцена? Кои се Вашите очекувања?

-Ние сме мала држава која полека чекори напред и уште се запознаваме со светските трендови, најмногу благодарание на современата технологија и слободата за патување. Се повеќе млади луѓе се насочени кон отварање на нови бизниси и се повеќе од нив стануваат независни. Сето ова позитивно влијае на растот на економијата, паралелно со растот на свеста во модниот свет. Лично мислам дека нашата држава има потреба од повеќе талентирани дизајнери, за луѓето да имаат поголем избор, па дури и да го експортираме нашиот дизајн во странство, а не да зависиме од импортираниот дизајн. Значи, иднината зависи од самите дизајнери, нивниот број и дизајни, вкусот на луѓето и движењата во домашната и светската економија. Генерално очекувам и гледам подобрувања на ситуацијата на модната сцена во нашата држава, иако за секој почетник не е ни малку лесно да се пробие и опстои на истата.

Фото: FWSK, Приватна архива

 

Објавено:
9 јуни 2020
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
674 пати