Еди Редмејн - Ѕвезда што допрва треба да светне силно

27 јануари 2015

Ако сте љубител на филмовите и ги следите Оскарите, тогаш сигурно знаете дека Еди Редмејн е еден од главните фаворити за оваа престижна награда и тоа во категоријата за најдобра машка улога.

Иако досега многупати бил дел од успешни филмски остварувања како My week with Marilyn, Savage Grace, Les Misérables, но со биографскиот филм „Теорија на сешто“ каде ја толкува главната улога, односно научникот Стивен Хокинг го привлече вниманието на целата светска јавност.

Еди во Les Misérables Еди во Les Misérables

Инаку, Едвард Џон Дејвид е роден на 6-ти јануари во Лондон. Има двајца браќа и две полусестри. Образованието го надоградува на престижниот машки колеџ Итон, каде учи заедно со принцот Вилијам.

Во својата професионална биографија покрај веќе споменатите филмови, за него многу значајни проекти се и првиот филм во 2005 година Like Minds, каде партнерка му е Тони Колет. Потоа мини серијата Елизабета I во која главните улоги ги толкуваат Хелен Мирен и Џереми Ајронс. Тоа му помага да добие улога подоцна и во филмот за кралицата „Елизабета: златно доба“, со Кејт Бланшет и Клајт Овен (2007).

„Добриот пастир“ во режија на Роберт Де Ниро, во 2006-та му носи соработка со Мет Дејмон и Анџелина Џоли. Во „Другата ќерка на Болен“ друштво им прави на Скарлет Јохансон, Натали Портман и Ерик Бана.

Еди Редмајн е активен и на театарската сцена, па списокот на соработки не завршува тука, и покрај тоа што не секогаш има големи улоги, не значи дека не се забележани. На списокот на награди се Тони и Лоренс Оливије за најдобра споредна улога во претставата „Црвено“ од 2010 година, а во 2011 година доби номинација за БАФТА за идна ѕвезда. Истата година ја добива и наградата на Британската филмска и телевизиска академија за најдобра ѕвезда во подем, додека за толкувањето на ликот Ричард II во истоимената драма ја освојува наградата на Здружението на театарските критичари за најдобар шекспирски настап.

Улогата на Стивен Хокинг му донесе Златен глобус, но и Награда на здружението на актери за најдобра машка главна улога.

Со специфичен лик, добра градба, висина, црвена коса и пеги, Редмејн успева да го привлече вниманието и на луѓето од модниот свет, па честопати досега го имаше епитетот за најдобро облечен маж. Исто така, беше дел и кампањите на Барбери и тоа рамо до рамо со Кара Делевињ.

Начинот на кој ја носи облеката му донесе многу едиторијали и ангажмани за познати списанија и модни магазини меѓу кои GQ, Vanity Fair, Esquire и други.

Од сите овие причини многумина сметаат дека токму нему треба да му припадне Оскарот. Но, нема да му биде лесно поради големата конкуренција. Сепак, и да не се случи тоа, текот на кариерата на овој млад актер нема да биде иста. А дали тој ќе ги искористи овие пет минути слава и како, останува да видиме.

Објавено:
27 јануари 2015
Категорија: 
Портфолио