Христијан Младеновски: Од карантинот извлеков инспирација за нова колекција

21 мај 2020

Иако во отежнати и вонредни услови, со настава адаптирана на новите околности наметнати од глобалната пандемија, студентите од трета година на факултетот за „Арт и дизајн" на катедрата за „Моден дизајн" при Европскиот универзитет, овој семестар напорно работеа на реализација на нивните колекции во рамките на предметот „Колекција 2". Под менторство на проф.д-р Јана Манева Чупоска и нејзината асистентка м-р Искра Младеновска, младите талентирани идни дизајнери одговорија на предизвикот, да ѝ остават доволно простор на својата креативност да блесне дури и во ограничени околности. Во нивниот случај се покажа дека креативноста е над сè и дека вонредните услови се дополнителен предизвик.

Христијан Младеновски

Во низа од неколку интервјуа, следниот период низ содржините на нашиот сајт, ќе ви го донесеме процесот на креирање на колекции на различни теми зад кои стојат студентите од оваа генерација на катедрата за „Моден дизајн", а овој серијал го започнуваме со талентираниот Христијан Младеновски, за кој проф.д-р Манева Чупоска ќе каже дека одговорил на предизвикот да работи на моментално најактуелната тема: Ковид-19.

„На почетокот кога ги биравме темите и пристапот за истражување, јас им сугерирав, а Христијан го прифати предизвикот, да работат на тема: Ковид-19, како нешто што сè уште трае, како една глобална криза и пандемија, како влијае на сите нас. Што прават модните дзајнери со своето „оружје"-дизајнот, да се спротивстават на еден начин, односно својата креативност да ја претстават и во вакви услови... Сите студенти работеа на различни теми, а Христијан го прифати предизвикот да работи токму на оваа, најактуелна тема, за што ми е многу драго. Покрај тешкотите на онлајн предавањето, јас сум навистина горда на овие студенти и нивните резултати, заради тоа што многу работеа и работат. А бидејќи станува збор за практичен предмет, бара секако и практична ангажираност. Секој од студентите работи од дома, а сите консултации ги вршиме онлајн заедно со асистентката Искра Младеновска. Горда сум на сè што сработија во овие огранчувачки услови. Сепак на крајот на денот заклучивме дека креативноста е поважна и дека може многу да ни помогне и во овие изолирани ситуации. И постигнавме, направивме колекции, што е многу важно! Тешко одеше, бидејќи сите предавања и консулатции беа онлајн, но крајната цел ја остваривме. Целиот процес студентите го реализираа сами во домашни услови, од скица до реализација на прототип", ни посочи проф.д-р Јана Манева Чупоска, пред да го започнеме разговорот со Христијан.

А што имаше да ни каже и покаже Христијан, прочитајте и погледнете во продолжение.

Како изгледа процес на креирање колекција по наставен програм во време на ограничени, вонредни услови?

-Процесот е отежнат, но во исто време се соочувам и со самиот себеси, дали сум спремен за оваа работа и колку сум спремен. Целата оваа ситуација и не е толку лоша за мене затоа што ми помогна да ги увидам своите квалитети и недостатоци.

Што беше провокација која ја иницираше твојата колекција? Која е темата?

-Како дизајнер секогаш се инспирирам од предмети и ситуации кои се околу мене, па така и сега ме испровоцира целата општествена ситуација со пандемијата предизвикана од корона вирусот, да се нафатам токму на таа тема. Најмногу инспирација извлеков од карантинот во кој се наоѓаме, а мојата колекција го носи називот „Војва". Зборот „Војва" е вид на несвршен глагол, што значи: се мотка, се вртка, се шетка, ваму-таму, нешто кое што моментално сите ние го правиме во домашен затворен простор.

Кои се носечки карактеристики на колекцијата? Какви техники, материјали и опции се користени во нејзиниот концепт? По што е посебна?

-Доминантен принцип на дизајнот е асиметрија, но содржи и симетрија и хармонија.
Колекцијата изобилува со органски форми и геометриски сечења.

Се појавува трансформација на комбенезони и јоргани, со цел да се долови чувството на удобноста и комфорот кој ни го пружа нашиот изолативен простор со цел да нè заштити од зараза, но содржи форми и од белите дробови кои најмногу страдаат од вирусот корона.

Доминанта е белата боја која сама по себе дава чувство на чистина и стерилност, но присутни се и други тонови и бои. Вметнувајќи три вида на текстури, колекцијата добива уште поголема дизајнерска вредност, со што и самиот дизајн на текстил е инспириран од домашната изолација. Колекцијата е составена од 35 модели од кои што три ќе бидат реализирани.

Колку твоите професори/ментори асистираа во реализацијата на идејата?

-Мојот ментор Јана Манева Чупоска оддели време за мене како нејзин студент, дури го жртвува и нејзиното приватно време со цел да достигнам покреативено и квалитетно решение. Таа беше присута низ целиот процес максимално и ме насочувше, со помош на нејзините совети стигнав до иновација и квалитет, при тоа сум многу благодарен што ја имам честа да сум под нејзино менторство. Учам од најдобрата.

Ако се земе в предвид фактот дека актуелната ситуација ги менува условите во модната индустрија, впрочем како и во секој сектор, како според твоите видувања ќе изгледа иднината на модата? На што ќе биде фокусирано вниманието и како ќе ја консумираме?

-Мислам дека целосната ситуација која што е на глобално ниво ќе ги смени и ќе влијае на сите правила во модата. Мислам дека луѓето ќе бараат поголема заштита во однос на облеката, па така и дизајнерите ќе ги сменат своите ставови во однос на некои гледишта. Во иднината на модата, мислам дека главното внимание кќ се сврти кон функционалноста на облеката со цел да биде во прилог на купувачите, мултифункционална облека, но во исто време и одржлива, со цел да се заштити природата.

А каде ти лично ја гледаш својата професионална иднина?

-Тешко е да одговорам на оваа прашање, но едно знам, каде и да бидам напорно ќе работам на својата кариера и ќе се надоградувам себеси се дури не стигнам до можноста да го проширам глобално своето име како бренд X.MLADENOVSKI или да работам за глобален бренд или модна куќа.

 

 

Објавено:
21 мај 2020
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
1.081 пати