Колекцијата „Будење“ на Илариа Кирилов како одговор на предизвиците на новото време

25 јуни 2020

Илариа Кирилов ѝ е позната на домашната јавност како убава и амбициозна девојка со низа успешни проекти во модната сфера. Покрај тоа што е веќе познат модел, Илариа е и студент на катедрата за Моден дизајн на факултетот за Арт и дизајн при ЕУРМ во Скопје, што укажува на нејзината сериозна намера, професионално да се развива токму во оваа сфера. Со разговорот со неа, го заокружуваме циклусот интервјуа со младите и перспективни идни модни дизајнери, под менторство на проф.д-р Јана Манева Чупоска, а воедно ви ги презентираме и нивните колекции изработени во услови на вонредна состојбана, во рамките на предметот „Колекција 2".


Како изгледа процес на креирање колекција по наставен програм во време на ограничени, вонредни услови?

Вонредните услови беа уште поголем поттик за будење на желбата за создавање. Обрачот кој ни беше наметнат мене ми стана инспирација да внесам во секојдневието живи бои кои ќе асоцираат на радост и оптимизам.Така ја донесов одлуката за избор на боите во мојата колекција.

Фото: Стефан Соколовски

Фото: Стефан Соколовски


Што беше провокација која ја иницираше твојата колекција? Која е темата?

Темата на колекцијата е "Будење". Се наоѓаме во една состојба во која никогаш не сме биле. Пред еден нов почеток кој ќе значи редефинирање на вредностите и повторно раѓање. Враќање кон базичното. (Again to the basic) . Не можеме да ја апстрахираме стварноста и нашата секојдневица во која корона вирусот стана фактор кој одлучува да се биде или да не се биде. Човекот излегувал секогаш победник после многу катастрофи кои го загрозувале неговото постоење и секогаш животот триумфирал. Овој пат можеби природата сакаше да ни даде до знаење дека ние сме сепак послаб натпреварувач во однос на неа затоа таа ни стави знак СТОП ! Успори! Таа си го побара своето право на препород за да ни даде шанса за нов почеток. За мојата колекција инспирација ми е Кина, едноставни креации затоа што мотото ми е Back to the basic. Според мене сите индиции покажуваат дека светот ќе биде променет и ќе се вратиме кон старите малку запоставени вредности.

Фото: Стефан Соколовски

Фото: Стефан Соколовски


Кои се носечки карактеристики на колекцијата? Какви техники, материјали и опции се користени во нејзиниот концепт? По што е посебна?

Ткаенина лен во живи бои затоа што моја идеја е омаж на животот. Омилен материјал ми е ленот и сакам да бидам препознатлива по материјалот. Избор ми се едноставни креации со шик елементи и детали. Печат на колекцијата е удобност и носивост.


Колку твоите професори/ментори асистираа во реализацијата на идејата?

Улогата на мојот ментор Проф.Др. Јана Манева Чупоска во создавањето на колекцијата беше од големо значење. Од неа ги добив насоките по кои потоа ми беше лесно да се движам. Нејзиното присуство и покрај тоа што беше на далечина беше постојано. Добивав вредни совети, а особено сум благодарна на забелешките затоа што на грешките најмногу се учи.

Ако се земе в предвид фактот дека актуелната ситуација ги менува условите во модната индустрија, впрочем како и во секој сектор, како според твоите видувања ќе изгледа иднината на модата? На што ќе биде фокусирано вниманието и како ќе ја консумираме модата?

Длабоко се надевам дека оваа ситуација ќе биде привремена и дека нема да донесе големи промени. Сметам дека гардеробата ќе остане лек за жените, а на здравјето не треба да се штеди.

Илариа Кирилов


А каде ти лично ја гледаш својата професионална иднина?

Моја желба е да дадам се од себе во мојот развој како личност и на професионален план. Најважно ми е она што ќе го работам да ми биде задоволство и да ме исполнува , а кога човек ќе одбере професија што ја сака нема чувство дека работи.

 

Објавено:
25 јуни 2020
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
3.438 пати
Тагови: 
Илариа Кирилов