Маргарет Хелдт – жената што ја создаде омилената фризура на Одри Хепберн

15 јуни 2016

Светските медиуми денеска ја пренесоа веста за смртта на Маргарет Винчи Хелдт, фризерката што ја создаде најпопуларната фризура во 1960-тите години – високата пунџа.

Инаку, Маргарет всушност е Михела Тереса Винчи и родена е на 11. февруари 1918 година. Мајка ѝ го сменила името во Маргарет кога почнала да оди на училиште, а во малата Михела (односно Маргарет) уште од 7-годишна возраст знаела дека ќе биде фризерка.

Како млада, честопати ѝ правела фризури, а за еден роденден добила и перика за да може да работи. Маргарет направила фризура на периката, што пак ѝ ја подарила на мајка си. Кога татко ѝ си ја видел жената, се расплакал од убавина. Вториот пат кога Маргарет го „натерала“ да плаче е кога победила на натпревар по фризури.

-Татко ми почна да плаче, а мајка ми ми ја зема раката и ми рече: „Сега, дете мое, сакам да знаеш дека си една од одбраните луѓе на Господ“ – тоа на италијански звучи прекрасно – се присетува Хелдт, која активно работела сѐ до својата 80-та година.

На 10-ти јуни, на 98 годишна возраст во Чикаго, Маргарет почина од срцев удар, оставајќи ја зад себе приказната за тоа како ѝ текнало да ја направи фризурата, која и денеска е популарна.

А како всушност ја направила?

Хелдт била редовен соработник на Modern Beauty Shop Magazine, а во 1960-тата година била повикана да направи нешто ново за насловната страна, што ќе ја означи новата декада.

-Ништо ново не се случуваше на тоа поле од француската „твист“ фризура или заоблената фризура со шишки, па ми рекоа: „Сакаме да направиш нешто навистина различно“ – изјави госпоѓата Хелдт за едно интервју.

Веднаш потоа заминала дома, ја земала својата работна кукла и започнала да работи. Барајќи креативна искра, таа ja здогледала нејзината шапка налик на фес, изработена од кадифе, која убаво ѝ ја собирала косата. Така, таа одлучила, дека новата фризура ќе биде идеална за да може да ја собере во шапката.

Нејзиното зачешлување наназад и тапирање, создаде стил што беше достоен за насловната страна на февруарското издание на „Modern Beauty Shop Magazine“.

-Многу бргу потоа овој стил стана вистински хит и на писти, но и низ улиците. Доказ за тоа е и Одри Хепберн која гордо ја носеше оваа елегантна пунџа во „Појадок кај Тифани“ (1961) – изјави уредникот на магазинот.

Тој додава дека жената што ќе одлучеше да ја има оваа фризура можеше да истрае една недела и повеќе до неа, во зависност од тоа дали има доволно лак ставено на косата.

-Одри ја виткаше круната со марама или тоалетна хартија, за преку ноќ фризурата да остане сосема иста. Хелдт знаеше на жените да им каже: „Не ме интересира што мажот ти ќе ти прави од вратот надоле, но не сакам да те допира од вратот нагоре – истакнува тој.

И Маргарет знаела дека ја направила вистинската работа.

-Жените ја обожуваа новата фризура затоа што правеше да се чувствуваат витко и високо. Сите сакаа да изгледаат така, дури и жените што имаа навистина куса коса – изјави фризерката во едно од последните интервјуа.

И во новиот милениум оваа фризура сѐ уште го наоѓа своето место. Ејми Вајнхаус беше една од оние што ја преферираа и одлично ја носеа, а во повеќе наврати сме ги виделе и Бијонсе, Лејди Гага, Џесика Алба и други...

Објавено:
15 јуни 2016
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
567 пати