Освен убавите жени, шубарите, актуелната Олимпијада во Сочи, Црвениот Плоштад, Русија е препознатлива и по згодните момци кои полека ги освојуваат светските модни писти. Во продолжение ќе ви претставиме шестмина најпопуларни.
Артур Данијаров
Артур Данијаров, доаѓа од Санкт Петербург и на модната писта прв пат се појавува во 2009 година. Иако како модел работел помалку од една година, своите први ангажмани ги имал со Прада, Александар Меквин и Џил Сандер. Истата година станува и заштитно лице во рекламната кампања на Џил Сандер. Оваа сезона се појави на пистата носејќи комбинации на Дрис Ван Нотен, Џорџо Армани, Фенди, Емпорио Армани и Салваторе Ферагамо.
Андреј Купченко
Негов заштитен знак се полните усни и сините очи. Модната кариера на Андреј Купченко почнува кога тој има само 17 години, како дел од шоуто на модната недела во Лондон. Овој ангажман поминал успешно, но тоа не било лош стимул за него и неговите идни професионални соработки. Кратко време потоа станува еден од најбараните руски модели кој сезонава учествуваше на ревиите на Кензо, Дрис Ван Нотен, Прада и многу други.
Андреј Захаров
Андреј Захаров оваа година ја имаше честа да ја отвори ревијата на Етро на модната недела во Милано. Ова прекрасно момче порано работело како продавач во бутик за облека. Подоцна се запишува на школата за мода во Москва, за набрзо потоа да земе учество во неколку европски модни манифестации. Андреј успешно дефилира по модните писти од 2010 година. Тој е миленикот на брендот Етро, но и на Dsquared2 и Ермано Шервино. Кога нема модни ангажмани, тој работи како ди-џеј во ноќните клубови.
Алексеј Маклаков
Алексеј Маклаков доаѓа од Москва, а неговиот изглед е типичен пример на невообичаена машка убавина која наликува на класичниот изглед на хероите од филмовите или стриповите. Големи крупни очи, испиени образи, невообичаена шпиц форма на лице, која брендот Барбери ја окарактеризира како идеален пример и го ангажираше Маклаков за заштитно лице на нивниот лук бук во 2012 година. Тој е редовен учесник на европските модни недели, а неговиот последен ангажман беше за модната куќа Диор.
Дима Дионесов
Овој модел има потекло од Санкт Петербург и првото свое деби на модните писти му било на ревијата на рускиот дизајнер Леонид Алексеев. Дима е момче кое не живее во Русија, туку шета низ светот и многу тешко може да се најде. Оваа година се појави во модните шоуа на Рик Овенс и Александар Меквин, но ги маѓепса фотообјективите и насловните страни на неколку светски списанија, магазини и рекламни кампањи. Се чини дека му се насмевнува блескава модна кариера, на која тој не гледа како предизвик, бидејќи како што вели портпаролот на модната агенција која го застапува Дионесов, тој сака да се посвети на пишувањето книги, па во иднина наместо модна икона, можеби ќе стане светски познат писател.
Евгениј Савченко
Русокосиот Евгениј Савченко е роден во Белорусија, но поради историската поврзаност на двата народи, сосема заслужено се најде на оваа листа. На почетокот на својата кариера го доби епитетот „клон на Андреј Пејиќ и Данило Полијаков“, поради андрогениот изглед и златната коса фатена во опавче. Во 2011 година се појави на модните перформанси на Диор, Рик Овенс и Жан Пол Готје со кој и до ден денес активно соработува.