Мина Ејуб - Либанската пепелашка што не носи исто парче два пати

2 април 2019

Мина Ејуб е една од најуспешните бизнисменки во светот, има 62 години и плакар на кој би ѝ позавиделе многу жени. Таа никогаш не облекла исто парче облека, но од висока мода. Да, добро прочитавте. Оваа жена има импозантна колекција на модни парчиња од Висока мода. Модните брендови имаат Мина кукли, направени според нејзините мерки, за да можат да ѝ шијат облека во нејзино отстуство. 

-Од Шанел, преку Жан Пол Готје до Диор, задолжително е да имаат моја кукла во случај да не сум во можност да дојдам на проба. Едноставно сакам Висока мода. Тоа е мојата единствена страст. Секој пат кога одам во јавност носам таква облека. Останатите трошат милиони на коцкање и други страсти. Јас не се срамам од тоа што купувам парчиња од висока мода - вели Ејуб, која веќе четири децении ја гаи оваа страст.

Оттаму и не изненадува фактот што таа е сопственик на најголемата колекција на парчиња од Висока мода - повеќе од 1600 парчиња има во нејзиниот плакар, а секое вреди помеѓу 50.000 и 290.000 евра. Не само што не носи исто два пати, туку некои од овие фустани не ги облекла ниту еднаш.

Таа е дел од врвната елита и еден од најпознатите членови на истата, која ја одржува високата француска мода, жива. Воедно, многумина ќе речат и дека најексцентричниот член.

Вредноста на нејзиниот плакар е толку голема што може да финансира мала држава, но таа сепак преферира да пие кафе од 60 центи од кафемат отколку да нарачува. Тие што ја познаваат велат дека таа е микс од гламур и скромност во едно. Со оглед на тоа дека често нема време за ручек на каков што повеќето се навикнати, а особено оние од нејзините кругови, често знае со себе да носи сендвич со јајца во себе. 

Инаку, Мина ја викаат и либанската пепелашка. Нејзината приказна е речиси бајковита. Родена е во Кувајт, во христијанско семејство. Во текот на животот патот ја води во Париз, каде ќе работи како келнерка во еден либански ресторан и токму тогаш ќе биде забележана од нејзиниот иден сопруг - Насер Ал Рашид, мултимилионер, бизнисмен, 20 години постар од неа. Од сиромаштија, Мина ќе има живот обвиткан со луксуз и гламур. 

За да може да се земе со него, ќе ја смени верата. Во бракот добиваат пет деца, но после 11 години заеднички живот, ќе се разделат. Тогаш заминува од Саудиска Арабија и ќе изгради свое богатство на берзите и недвижнини. За својот брак ќе прозбори и во книгата од 2000 година La Vérité: autobiographie, после информациите во јавност дека во бракот била депресивна и се обидела да се убие.. Нејзиното богатство се проценува на преку 500 милиони долари

 

 

Објавено:
2 април 2019
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
921 пати