„Погодете од каде сум" – преку видео на Инстаграм, Теона Сима го постави ова прашање на неколку светски и регионални јазици и инстантно масовно ја освои публиката ширум светот.
За неполн месец, ова видео има над 5.5 милиони прегледи на Инстаграм, а профилот
@the languageblondie зад кој стои оваа мултиталентирана 20-годишна девојка од Скопје со само десетина објавени видеа веќе има над 230 илјади следбеници.
Теона перфектно зборува 5 јазици, а уште три ги разбира и може да води разговор, а нејзината дарба за глума е огромна предност благодарение на која видеата што ги креира се исклучително забавни и привлечни за публиката. Во објаснувањето за целта на нејзиниот Инстаграм профил, вели дека има визија својата публика да ја научи да зборува одреден јазик како мајчин.
На нејзиниот профил на LinkedIn стои дека студира новинарство и психологија на Американскиот универзитет во Благоевград, Бугарија, а има и свој подкаст "Office Hours" на кој ги интервјуира нејзините професори. Го позајмувала својот глас за комерцијални цели, била ангажирана и како преведувач за настани, а била активна и како волнтер за УНИЦЕФ.
Теона со својот позитивен пример на социјалните мрежи е вистинско освежување, а публиката очигледно тоа знае да го препознае и награди.