Колумбиски смарагди, сафири од Шри Ланка, најскапоцените дијаманти, дивите мачки како заштитен симбол - сето тоа е синоним за луксузниот француски бренд Картие.

Брендот Картие е многу добро познат по неговите „Art Deco“ парчиња и вечната љубов кон истражувањето на убавината на дивите ѕверови. Приказната за тоа како величествениот пантер станал заштитен знак на овој реномирен бренд кој изработува накит за високата класа, се пишувала вака: 

Се до Првата Светска војна, пантеровата фигура ретко се појавувала во средовековна и Европа во периодот на ренесансата, а во 16-от и 17-от век, кожата од пантер била главна цел на ловџиите, што подоцна се поставувала како триумф во канцелариите на припадниците на високата класа.

Во 1900-та година "Дама со Пантер" стана најомилениот мотив во Европската уметност. Суптилната еротика и нескротливата природа што се спојуваа на сликата, беа главен извор на инспирација, а нејзината популарноста се зголеми и благодарение на ентериер дизајните декорирани од Елси де Вулф. Па, така и остатокот од модниот свет, меѓу кои и Картие, започна да црпи од истата инспирација.

Во тоа време, на чело на компанијата се наоѓаа Луј, Жак и Пјер Картие. Импресионирани од неговата работа, браќата го замолиле Жорж Барбие да нацрта слика, што би ја искористиле за покана на Француска изложба на накит што тие ја организирале.

Така, Барбие, во 1914 ја создаде фамозната "Дама со пантер" на која е отсликана елегантно облечена жена со црн пантер крај нејзините нозе. Овој момент во историјата на француската куќа Картие го бележи првиот пат на употреба на фигура на животно. Подоцна, истата година, било дизајнирано и првото парче накит во форма на дивата мачка. 

Но, најголема благодарност за тоа што "Пантерот" станал заштитен знак и препознатливост на брендот треба да и се упати на дамата Жан Тусан. Кога имала 31 година, била во врска со Луј Картие. Маѓепсан од нејзината убавина, аура и големина, тој имал комплетна доверба во неа. Тусан веќе била впуштена во водите на дизајнирање накит и многу добро ја познавала декоративната уметност, уште еден нејзин квалитет на кој Луј се воодушевувал, при што ја убедил да работи за него. Иако најпрво ја вработил во одделот за продажба, набрзо Тусан се здобила со добра репутација, а подоцна и самата  застанала на раководна позиција во Картие. Ги обожавала мачките, но пантерот и бил омилен и кога таа почнала да дизајнира за модната куќа, ги добила своите 5 минути и им покажала на сите што умее. Љубовта кон пантерот била во прв план и оттогаш, "Пантерот" застана под рефлекторот и заживеа преку нејзините дела, преку накитот на Картие.

Вистинско диво животно, безвременска икона, елегантен грабливец, со мистериозни смарагдни очи, Пантерот на Картие, е повеќе од само еден симбол. Тој е ремек-дело.

 Автор: Елеонора Гоцевска, студент на Универзитетот „Гоце Делчев", Правен факултет (насока новинарство)

Објавено:
17 мај 2016
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
228 пати