Портфолио Ѓорѓи Десподов: Фотографијата како бегство од реалноста

29 јануари 2014

 

Во неговата професија, фотоапаратот е трето око кое ги забележува надреалните моменти од сосема обичното секојдневие и ги пакува во уметност. Младиот фотограф Ѓорѓи Десподов од Прилеп, почнал најпрвин да фантазира со моливот на хартија, а подоцна моливот го заменил со фотообјективот и од тогаш секојдневно го збогатува своето портфолио, со ново искуство и со нови светови и димензии преку фотографиите.

„Ме инспирираат надреални моменти, полни со фантазија, а кои сепак би биле интересни и привлечни за публиката“, зборува Ѓорѓи за својот личен фотографски предизвик кој како таков и го поставува пред јавноста.

Необичната форма на неговата фотографска перцепција и реализација е инспирирана од сосема обични нешта: музика, литература, несекојдневни ситуации во секојдневието...

„Покрај тоа, ме инспирира и ја почитувам работата на фотографите како Tim Walker, а како едни од омилените можам да ги издвојам и: Steven Klein, Arnold Newmen, Steven Meisel  и  Mario Testino“,  младиот уметник ни посочи кое е нивото кое би сакал да го постигне.

До сега успеал да постави две самостојни изложби, а неговата работа може да ја следите и на професионалното портфолио на  VOGUE IT кое во моментов брои осум фотографии. Активен е и на домашната модна сцена на која има соработувано со дизајнерите Стефанија Насеска и Марјана Рујаноцка, но исто така и со  еден од најдобрите македонски модели Лилјана Илиеска.

Во очекување на новите проекти на Ѓорѓи Десподов, погледнете ја галеријата со негови фотографии.

 

Објавено:
29 јануари 2014
Категорија: 
Портфолио