Портфолио: Миленичката на модната индустрија Кејт Мос го слави 40 – тиот роденден!

16 јануари 2014

Точно 25 години неверојатно успешна кариера во модната индустрија! Прекрасната Кејт Мос денеска го слави својот 40 – ти роденден, а изгледа подеднакво добро како првиот ден од нејзината кариера.

Во текот на нејзината кариера таа беше дел од неверојатно голем број кампањи за некои од најголемите светски познати модни куќи, а се најде и на повеќе од 300 насловни на светските магазини.

Дека изгледа подобро од кога и да е, таа докажа и со фотосесијата за 60 – годишнината на Плејбој каде изгледа супер секси.

Таа целиот свој живот е муза и неверојатна инспирација на голем број дизајнери, фотографи и музички артисти ширум светот, а со она што досега го има постигнато дефинитивно е една од најголемите модни икони во светот.

Почетоците на Кејт Мос се во далечната 1988 година кога таа беше откриена од првата жена на агенцијата Storm Model, Сара Дукас во време кога светот беше „гладен“ за нови супермодели.

Нејзиниот бестрашен став, неверојатен шарм и беспрекорна убавина во модниот свет веднаш беа оценети како едни од највпечатливите. Токму поради тоа, таа за многу кратко време беше прогласена за една од новите миленички на модната индустрија.

Стилот на Кејт Мос и денеска, по 25 години се копира ширум светот. Девојките се буквално вљубени во нејзините парчиња и неверојатната умешност истите да ги комбинира на единствен начин.

Постојат и такви кои слепо го следат секој нејзин чекор, па дури и го практикуваат сето она што таа го посочува. Иако не е голем љубител на интервјуа, и тогаш кога ретко ги дава, истите оставаат онолку голем впечаток колку и нејзините останати чекори во модната индустрија.

Таков беше случајот и со нејзината изјава за тоа дека ништо на светот не е подобро од тоа да си слаб, изјава која светот ја протолкува како исклучително контроверзна и нешто што може да ги натера останатите девојки на анорексија.

И покрај ваквите изјави и останатите контроверзности што ја следеа нејзината кариера, таа е една од најбараните модели во светот и очигледно е дека планира да остане тоа уште долго време.

Нејзините пријатели од модниот свет велат дека таа е легенда, дека нејзиниот стил и шарм никогаш нема да пресушат.

Таа вели дека во текот на нејзината кариера она што го сфатила е тоа дека она што ни го дала природата е најдоброто за нас.

„Тоа е нашата индивидуалност. Треба да научиме да се носиме и со сите наши недостатоци, бидејќи истите многу лесно може да се претворат во наше достоинство“, вели Кејт која роденденот реши да го прослави на топлите Карипски острови.

Среќен роденден Кејт!

Објавено:
16 јануари 2014
Категорија: 
Портфолио