Портфолио: Во светот на модната дизајнерка Едина Ронај

20 јануари 2014

edina-ronay01

Автентичната модна дизајнерка Едина Ронај, 69, е родена во Будимпешта, а на само 4 - годишна возраст се сели во Лондон заедно со нејзините родители. На 17 години, таа станува актерка и се запознава со својот сопруг, продуцент и фотограф Дик Полак.

 

 

Во 1976 година креативната дизајнерка ја отвора својата прва винтиџ продавница за облека изработена исклучиво од тантела со локација во Челзи. Денеска, нејзините колекции на плетива и ready-to-wear парчиња може да се најдат во нејзината продавница во западен Лондон или на веб страната edinaronay.com.

 

 

За себе дизајнерката ќе каже дека не ги сака утрата, туку дека припаѓа на групата ноќни птици. Денот задолжително го започнува со петнаесетминутна медитација, а потоа продолжува со јога и пилатес вежби. Едина вели дека во 1960-тите сите носеле винтиџ облека, која таа решила да ја дизајнира за да и го продолжи векот на траење, само во нејзин стил.

 

 

„Сите мои пријатели од филмската, модната и музичката индустрија ги обожаваа моите дизајни. Имав успешен старт како дизајнер. Ги сакав плетивата од 1930/40-тите години. Ги редизајнирав моделите и ги продавав, имав и мои модни ревии, а луѓето чекаа и по шест недели за да добијат плетен џемпер со мојот потпис. Ми беше задоволство и ме импонираше мојата успешност. Кога еднаш ќе влезеш во модниот свет, не сакаш да ја напуштиш таа магија никогаш“, вели дизајнерката.

 

 

Во 70-тите, Едина се откажува од својата кариера како актерка и целосно се посветува на дизајнирање свои колекции инспирирани од тантелата и плетивата што во себе го имаат препознатливиот винтиџ дух. Таа важи за еден од најголемите подржувачи на британската индустрија за производство на волна и ги поттикнува луѓето да се едуцираат повеќе за нејзиното значење и начин на употреба. Денес се уште работи во својата продавница во Лондон, но своите колекции ги продава и преку веб сајтот.

 

 

Објавено:
20 јануари 2014
Категорија: 
Портфолио